Во врска со изнесените лаги од одредени „медиуми“, би сакале да ги замолиме прво да станат медиуми со редакции, организациска структура , вработени луѓе и регуларни плати со платени придонеси и даноци, па да коментираат одлуки на менаџментот на најголемата медиумска компанија во Република Македонија, се вели во реакцијата до јавноста од сопствениците на МПМ и на ГЦС.
За инфомација на јавноста, компанијата МПМ и „Графички центар Скопје“ има 550 редовно вработени луѓе и заштитувајќи го нивното работно место, за да нема отпуштања, донесе привремена одлука со траење од шест месеци да ги намали скалесто платите за 10 проценти, 20 проценти, 30 проценти, само на стотина вработени, кои ја чинат компанијата од 20.000 мкд до 500.000 мкд месечно по вработен, а на другите вработени, кои ја чинат компанијата до 20 000 мкд им ги задржа истите плати. Сето ова е направено во согласност со позитивните законси прописи во Република Македонија и не е прекршен ниту еден закон.
Ја разбираме нервозата на еден уредник, кој компанијата ја чини 300.000 денари месечно (со наследен договор од „Вац“) и на кој пред само еден месец му беше понудено, доколку не сака да ги спроведе мерките на компанијата, да си ја откупи назад од сопствениците по истата цена што му беше платена пред три години.
Затоа со ова сакаме да ги информираме сите вработени да не подлегнуваат на лажни душегрижници за нивните работни места и совесно и чесно да си ја вршат работата, како што си ја вршеа досега.
И на крај да разјасниме, економската ситуација во државата никогаш не била проблем за МПМ затоа што ние како најголема медиумска куќа функционираме и работиме според светските деловни стандарди.
Проблемот е што печатените медиуми не се заштитени со ниту еден закон од крадците на нашите вести, колумни и фотографии, кои ние скапо ги плаќаме на светските новински агенции, уредниците и на колумнистите.
Порталите што сакаат да бидат „медиуми“, а, едноставно, се ситни крадци на вести и на фотографии, немаме начин како да ги тужиме. Тие се заштитени со новиот Законот за медиуми, кој го донесе Собранието на РМ минатата година. Сè додека постојат вакви „медиуми“, никогаш како држава нема да имаме вистинско новинарство.
Светскиот тренд на намалувањето на популарноста на печатените медиуми не ја заобиколи ни Македонија. Исто така, со намалувањето на тиражите се намалува и интересот на маркетиншките куќи, и затоа е нормална реакцијата на менаџментот да се обиде да ги скрати трошоците за компанијата да нема отпуштање на своите лојални вработени.
И на крај, доколку не сакаме да останеме држава без печатени медиуми, би требало посериозно да се размисли како да бидат заштитени во македонските закони.
Интегрален текст од реакцијата на сопствениците на МПМ и ГЦС
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.