| четврток, 6 декември 2018 |

Телевизии непрофесионално упаднаа и снимаа во МПМ (видео)

Екипите на телевизијата „24 Вести“ и на порталот „ТВ Нова“ влегоа во делот каде што се наоѓа службата за човечки ресурси и без дозвола од одговорните лица во компанијата, како и без дозвола од дел од вработените, снимаа разговор кој се однесува на внатрешни прашања за компанијата. Потегот на овие два медиума е спротивен од етичките кодекси за медиумско известување, пишува „Телеграф“.

Медиумски екипи на телевизијата „24 Вести“ и на порталот „ТВ Нова“ денеска неовластено влегоа и снимаа во просториите на „Медиа принт Македонија“. Екипите влегоа во делот каде што се наоѓа службата за човечки ресурси и без дозвола од одговорните лица во компанијата снимаа разговор меѓу дел од вработените, а кој се однесува на внатрешни прашања за компанијата.

Снимката од упадот потоа беше емитувана на медиумите, иако од страна на менаџментот на МПМ е упатен допис со кој се укажува дека снимениот материјал во службените простории е направен без дозвола од компанијата.

mediumi_-_02a

Денешниот силеџиски упад од страна на ТВ-екипи на ’24 Вести’, како и ‘ТВ Нова’ во службените простории на ‘Медиа принт Македонија’ е без преседан бидејќи е без какво било одобрение од надлежните лица во компанијата. Ваква злоупотреба на слободата на медиумите не само што не ѝ служи на каузата, туку ја влошува и така неповолната клима во медиумската сфера“, се вели во дописот упатен од МПМ до медиумите чии екипи го направија упадот.

Од МПМ укажуваат и дека правда ќе бараат по судски пат доколку снимките бидат емитувани.

– „Медиа принт Македонија“ како медиумска компанија најостро го осудува овој вандалски чин и го сметаме за груб напад врз интегритетот на нашата компанија. Доколку се емитуваат неовластени снимки од нашите простории, ќе бидеме приморани нашите права и интереси да ги оствариме по судски пат – стои во дописот од МПМ.

televizii

Познавачите на медиумските состојби нагласуваат дека постапката на двата медиума е спротивна од етичките кодекси на медиумско известување, особено зашто се работи за неовластено снимање во службени простории на приватна компанија, како и дека се снимани лица од кадровски служби без нивна дозвола.

Упадот се случи во мигот кога поголема група вработени од медиумите во МПМ влегоа во делот каде што се кадровските служби и бараа објаснувања за иднината на компанијата. Причина за собирот на вработените беше денешниот оглас за вработување објавен на порталот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, а во кој стои дека фирмата „Медиа принт ДООЕЛ“ вработува на определено време новинари, уредници, фоторепортери и други профили кадри за медиумско работење.

Видео: Дел од снимката емитувана на порталот „ТВ Нова“. Заради чувствителноста на содржината од разговорот, аудиоделот од снимката е отстранет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top