Основен суд Скопје 1 Скопје околу кривичните пријави поднесени од СДСМ до Основното јавно обвинителство, известува дека се уважува барањето за издвојување на докази – снимки од телефонски разговори и транскрипти.
Соопштението во целост
По барање на одредени медиуми на кои во текот на денот им беше одговорено по писмен пат, ја информираме јавноста дека постапувајќи по барање за издвојување на докази од списи на Основното Јавно обвинителство согласно чл. 93 вв чл 12 од ЗКП, поднесено од адвокат Никола Додевски, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, донесе решение со кое се уважува барањето за издвојување на докази – снимки од телефонски разговори и транскрипти на истите од предметите на ОЈО оформени по поднесена кривична пријава на Социјал демократскиот сојуз на Македонија.
Во барањето до судија на претходна постапка, наведено е дека до ОЈО Скопје поднесени се кривични пријави и се води постапка против осомничените Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски, Сашо Мијалков, Ирена Мишева, Мартин Протуѓер, Тони Трајковски и Коце Трајановски, а снимките од телефонски разговори и траснкрипти од истите приложени како доказ во предметите за сторено кривично дело треба да се издвојат како незаконски прибавени докази бидејќи согласно чл. 12 с.2 од ЗКП не може да се користат и врз нив да се заснова судска одлука, а согласно чл. 93 од ЗКП надлежен за донесување на решение за издвојување докази од списи е судија на претходна постапка најдоцна до завршување на истражна постапка.
Постапувајќи по ова барање, судија на претходна постапка, со допис од 26.08.2015 година, побара од ОЈО Скопје да ги достави сите оформени предмети против наведените осомничени лица, а ведно побарано е од ОЈО – Скопје да се произнесе и за секој предмет пооделно дали сеуште траат истражните постапки или се завршени, како и во прилог на секој предмет да достави известување дали од страна на обвинителството бил поднесен предлог за издавање на посебни истражни мерки за следење на комуникации на наведените осомничени лица.
ОЈО – Скопје до Судот достави 27 оформени предмети заведени под различни РО броеви, со прилог електронски записи снимени на ЦД – а и транскрипти во секој од предметите, наведувајќи дека за наведените осомничени лица ОЈО Скопје нема побарано примена на посебни истражни мерки – следење на комуникации, како и тоа дека истражните постапки во сите предмети сеуште не се завршени односно обвинителството продолжува со истрагата.
Постапувајќи по барањето и ценејќи ја единствено законитоста на доказите без впуштање во содржината на постапката која ја води Јавното обвинителствот, а имајќи го во предвид писменото известување добиено од ОЈО – Скопје, судија на претходна постапка го уважи барањето за издвојување на аудио записите содржани на ЦД и траснкрипти од истите како доказ од списите на предметите. Аудио записите и транскриптите се затвораат и се чуваат кај сдија на претходна постапка при овој суд одвоени од другите списи при што неможат да се користат во постапка, бидејќи согласно Законот за следење на комуникации и измените на истиот, во зависност од периодот од кога се пријавуваат осомничените, посебните истражни мерки за следење на комуникации се издаваат по барање за донесување наредба за следење на комуникациите, до надлежен судија кое се поднесува од надлежен Јавен обвинител по сопствена иницијатива или друг овластен орган согласно овој закон и наредбата се издава со ограничен рок на траење наведен во наредбата.
При уважување на ова барање судијата на претходна постапка ги имаше во предвид чл. 93, чл 252 и чл. 12 од ЗКП како и чл. 9, чл. 8, чл. 7 и чл. 15 од Законот за следење на комуникации, се наведува во соопштението од Основен суд Скопје 1 – Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.