По повод почеток на новата учебна година, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упати препораки до родителите и децата за поголема безбедност на децата во сообраќајот и нивна заштитита.
– Статистичките податоци укажуваат дека бројот на загинати деца во сообраќајни незгоди е недозволиво висок и дека учеството на децата во вкупниот број загинати лица во сообраќајки покажува тренд на зголемување што ја наметнува потребата за преземање соодветни мерки за поголема безбедност на децата во сообраќајот – се наведува во соопштението.
Во тој контекст се укажува дека децата се учесници во сообраќајот, во кој се кријат опасности и затоа е потребно да се советуваат дека местата каде што се одвива сообраќајот не се места за играње.
– Децата не смеат да истрчуваат зад паркираните или запрени возила, затоа што возачите не можат да ги забележат, децата секогаш се движат по тротоар и што е можно подалеку од улица, на улици без тротоари децата секогаш треба да се движат по левата страна, и задолжително во колона, доколку се движат во група, улицата секогаш треба да се преминува на пешачки премин и само на зелен пешачки семафор. Задолжително пред да се помине улицата, да се погледне лево и десно – советуваат од РСБС.
Воедно, се нагласува дека родителите се најодговорни и треба да внимаваат на младите активни учесници во патниот сообраќај било како возачи или како родители, пред сѐ, да влијаат со личниот пример, како многу важна сообраќајно-воспитна компонента.
– Родители, во вас е најголемата одговорност. Без оглед на фактот дека децата се едуцираат за безбедно учество во сообраќајот уште во предучилишни институции, и понатаму продолжуваат и во основните училишта, улогата на родителите е најважна и незаменлива. Во рамките на подготовката на децата за училишната година потребно е на детето да му се покаже најбезбедниот и најкраткиот пат од дома до училиште и обратно. Да се објаснат основните сообраќајни правила и посебно да се укаже на потенцијалните опасни места и опасни ситуации. Доколку го носите вашето дете во училиште со автомобил, секогаш користете детско седиште, сигурносен појас и никогаш не превезувајте го вашето дете на предното седиште. Секогаш пред училиште пречекувајте ги вашите деца во училишниот двор, а не преку улицата. Да внимаваме на децата во сообраќајот затоа што нивната безбедност во сообраќајот е наша одговорност- укажуваат од РСБС.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



