| четврток, 6 декември 2018 |

Затворање на шестата Школа за млади лидери

лидери2

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ќе се обрати на свеченото затворање на шестата Школа за млади лидери.

На учесниците на школата, Иванов ќе им додели сертификати за учество и успешно завршување на десетдневната интензивна лидерска обука.
На годинашната школа, како што соопшти Кабинетот на Иванов, учествуваа 20 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко, кои ги пренесоа своите искуства и видувања за лидерството на 44 учесници на школата.

Меѓу предавачите на шестата Школа за млади лидери беа поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов, поранешниот потпретседател на ЕК и поранешен министер за надворешни работи на Италија Франко Фратини,  генералниот директор на Кралскиот Институт за меѓународни односи – ЕГМОНТ Марк Оте, генералниот директор на Исламската образовно, научна и културна организација „ИСЕСКО“, Абдулазиз Отман Алтваијри, членот на Извршниот комитет на Трилатералната комисија и претседател на организацијата  „East West Bridge“ Јован Ковачич, директорот на Европскиот институт на Фондот за американски студии, Метју Квасиборски и други.
Програмата на школата, што се одржува по иницијатива на претседателот Иванов, опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Во изминатите пет години на школата учествуваа 200 млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешката Република и на Република Србија, Вацлав Клаус и Борис Тадиќ, претседателите на Светската и Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и многу амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.
Идејата на претседателот Иванов е преку одржувањето на школата да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградат и усовршат своите вештини, да ја развијат својата креативност и лидерски способности. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кое преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува со развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.

Школата за млади лидери беше отворена на 16 август во Охрид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top