Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ќе се обрати на свеченото затворање на шестата Школа за млади лидери.
На учесниците на школата, Иванов ќе им додели сертификати за учество и успешно завршување на десетдневната интензивна лидерска обука.
На годинашната школа, како што соопшти Кабинетот на Иванов, учествуваа 20 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко, кои ги пренесоа своите искуства и видувања за лидерството на 44 учесници на школата.
Меѓу предавачите на шестата Школа за млади лидери беа поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов, поранешниот потпретседател на ЕК и поранешен министер за надворешни работи на Италија Франко Фратини, генералниот директор на Кралскиот Институт за меѓународни односи – ЕГМОНТ Марк Оте, генералниот директор на Исламската образовно, научна и културна организација „ИСЕСКО“, Абдулазиз Отман Алтваијри, членот на Извршниот комитет на Трилатералната комисија и претседател на организацијата „East West Bridge“ Јован Ковачич, директорот на Европскиот институт на Фондот за американски студии, Метју Квасиборски и други.
Програмата на школата, што се одржува по иницијатива на претседателот Иванов, опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.
Во изминатите пет години на школата учествуваа 200 млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешката Република и на Република Србија, Вацлав Клаус и Борис Тадиќ, претседателите на Светската и Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и многу амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.
Идејата на претседателот Иванов е преку одржувањето на школата да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградат и усовршат своите вештини, да ја развијат својата креативност и лидерски способности. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кое преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува со развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.
Школата за млади лидери беше отворена на 16 август во Охрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.