Името на ОКТА беше споменато во неколку медиумски натписи во однос на квалитетот на горивото кое се продава до крајниот потрошувач. За расчистување на секаков сомнеж би сакале да појасниме дека ОКТА не е една од петте компании за кои Пазарниот инспекторат откри дека во измината година продавале гориво со помалку октани.
ОКТА увезува и продава гориво што е во согласност со највисоките стандарди и ги поседува сите неопходни процедури и инфраструктура за да обезбеди соодветен квалитет на горивото што го продава на своите клиенти. Ние сме и единствената компанијата која што спроведува тројна контрола на горивото. Првата се спроведува во рафинеријата каде горивот се товари пред да биде транспортирано, втората контрола ја правиме кога тоа ќе пристигне во инсталациите на ОКТА и третата контрола се прави пред горивото да се испорача на пазарот.
Проблемот со увоз на гориво со низок квалитет од страна на неколку независни увозници, во повеќе наврати беше идентификуван од страна на ОКТА и пријавен во Пазарниот инспекторат. Државните органи прават најдобро што можат, но често се во недостиг на средства и ресурси за ефективно да го контролираат пазарот. ОКТА, која што покрива повеќе од 60% од увозот на гориво, придонесува кон непреченото снабдување со гориво со највисоки стандарди и затоа сме во позиција на нашите купувачи во целост да им го гарантираме квалитетот на нашите производи.
Во истите медиумски натписи беше споменат стар случај од 2012 година каде ОКТА наводно увезува гориво кое што не ги исполнува државните спецификации. ОКТА поднесе жалба против овој случај, којшто е се уште во судска процедура, врз основа на тоа дека резултатите од анализите спроведени од државните органи се неточни како резултат на недостаток на соодветна опрема и инфраструктура.
ОКТА ќе продолжи да ја поддржува државата во нејзините напори да го контролира квалитетот на горивото што се продава во земјава. Но исто така, ние ќе продолжиме да инсистираме на интензивирање на напорите и на подобрување на увозните регулативи, како и регулативите за квалитетот на течните горива, во согласност со валидниот Закон за енергетика и релевантните подзаконски акти со цел нормално функционирање на пазарот за течни горива, за доброто на потрошувачите и на целата економија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.