| четврток, 6 декември 2018 |

Инвестирањето во образованието главен двигател за економски и социјален развој

обра

Образованието претставува една од најзначајните области за развој и фактор на современиот раст. Инвестирањето, осовременувањето и унапредувањето на квалитетот на образовниот процес е главен двигател за одржлив економски и социјален развој на локалната заедница, истакна денеска на прес-конференција градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски.

Капиталните инвестиции во образованието, додаде тој, се од огромно значење за иднината на една локална самоуправа. Тоа е императив, особено денес кога е време на кревање на нормите, вредностите и стандардите во образованието.

– Ние го започнавме овој процес во нашите училишта, во три централни и пет подрачни основни училишта во кои учат 2.000 ученици, каде годишно се запишуваат по 200 првачиња, и новото средно општинско училиште за електротехника, информатика, ИКТ и автоматика, со 200 ученици, кое оваа година ја прима третата генерација средношколци. Со континуираните вложувања во образованието на учениците им се обезбедени квалитетни услови за покажување на своите способности и постигнување на високи резултати во образовниот процес. Ние мораме да сториме повеќе за образовните потреби на учениците да бидат сообразни со барањата на иднината – истакна Стојановски.

Во последните пет години во периодот од 2010 година до денес во делот на подобрување на образованието и образовниот процес во општина Илинден инвестирани се 200 милиони денари или нешто повеќе од три милиони евра.

– Реализиравме проекти насочени кон овозможување на квалитетни услови во образованието со изградба на ново училиште, доградба на училиштата со нови училници, реконструкција на училишните згради, старите и дотраени прозорци и врати се заменети со нови со топлотна изолација, изградивме нови тоалети и комплетно реновирани простории, опремивме училишни лаборатории со современа опрема, и воведовме системи за греење и ладење со геотермални топлински пумпи, со користење на обновливи алтернативни извори на енергија, со што училишните објекти станаа енергетско-ефикасни – информира Стојановски.

Додаде дека експерти од компании учествувале во наставниот процес преку практична настава и обука за учениците од средното стручно училиште „Илинден“.

– Потпишавме меморандуми за соработка со компаниите: МЕПСО, Џонсон Мети, Ван Хол, Џонсон Контролс, Кемет електроникс и ОКТА, со цел учениците непосредно да имаат можност за следење и активно учество во процесот на производство во компаниите, со што ќе се стекнат со неопходното практично искуство кое ќе им биде значаен предуслов на пазарот на трудот, нагласи Стојановски.

Градоначалникот потсети дека се изградени и реконструирани повеќе училишта во општината. Обезбедена е нова модерна и современа техничка опрема за вршење на практична настава во две лаборатории, како и нови гардеробери за сите ученици во Средното општинско стручно училиште „Илинден“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top