| четврток, 6 декември 2018 |

Издадени имотни листови за 130.000 легализирани објекти

кат

Досега 130.000 објекти се запишани во катастарот преку Законот за легализација на бесправно изградени објекти и добија имотни листови, а од нив само два се инфраструктурни. Токму затоа Владата и Собранието го продолжија рокот за поднесување барање за легализација на инфраструктурни објекти до 31 декември годинава, а елаборат ќе може да се поднесе до 31 декемрви 2016 година.

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпевски, нагласувајќи дека причина за продложување на рокот за поднесување барање за легализација на инфрастуктурни објекти е што во 2011 година кога се донесе Законот за легализација на бесправно изградените градби не постоеше Катастар на инфраструктурни објекти, поради што, како што рече голем дел на иматели на инфраструктура немаа поднесено барање за легализација.

Тој посочи дека пред шест месеци Агенцијата за катастар на недвижности ги овозможи сите правни и технички услови за запишување на сите типови инфраструктурни објекти како што се сообрајќајните, водоводните, канализациските, енергетските, електро-комуникациските,… и додаде дека во моментов, според податоците од Министерството за транспорт и врски, вкупно се поднесени 2.592 барања за легализација на инфраструктурни објекти.

– Во изминатите шест месеци во катастарот се запишаа вкупно 855 инфраструктурни објекти од кои 80 се водови, односно оптички кабли, бакарни кабли, ски-лифтови и друго во должна од 7.435 километри, додека преостанатите 775 се базни станици во сопственост на македонските телекомуникациски оператори – рече Трпевски.

Потсети дека согласно законот најдоцна до 24 април 2016 година сите иматели на инфраструктурни објекти се должни до катастарот да доставата пријави за запишување на 40 отсто од инфрастуктурните објекти со кои располагаат, а најдоцна до 24 април 2018 година и за преостанатите 60 отсто.

– На барање на инвеститорите, Владата пред три дена го усвои предлогот за донесување измени на Законот за катастар на недвижности, со кои ќе се овозможи секое решение издадено од општините или Министерството за транспорт и врски со кое се одобрува изградба на нова инфраструктурна градба (пример Решение за изградба на оптички кабел ), да биде основ за  предбележување на инфраструктурата во катастарот – рече Трпевски.

По предбележувањето, појасни, Катастарот ќе издаде Лист за предбележување на инфраструктурниот објект,  со кој инвеститорот  ќе може да го заложи пред деловните банки, со цел да добие дополнителни средства за реализација на инвестицијата.

– На овој начин, исто како и кај предбележувањето на згради, очекуваме и предбележувањето на инфраструктурните објекти да придонесе за  експанзија на градењето нови инфраструктури – истакна Трпевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top