| четврток, 6 декември 2018 |

Пишуваме и за анонимуси, Србите штедат дури и на нашите познати

Додека македонските медиуми се занимаваат со секоја Балканка што покажала задник, балканските медиуми пишуваат за Македонки кои им се добро познати само ним... Фотографија во топлес издание не е доволна причина за да се одвои медиумски простор за некоја личност

Разголени, разуздани, развратни. Најголем дел од интернетскиот медиумски простор во Македонија им се посветува на вакви девојки, на вакви „вести“, што и само по себе е проблем. Но, сепак, желбата да се ѕирне во интимата, во секоја смисла на зборот, на познатите, не е балкански синдром, туку начин да се привлече публиката, кој ефикасно работи уште од почетокот на 20 век, кога биле златните години на жолтиот печат.

Публика за ваквиот тип брзи, најчесто фотовести, имало и секогаш ќе има. Проблемот во последните години е тоа што им се посветува време и простор на лица со кои македонската публика нема допирна точка. Дури и вестите за семејството Кардашијан се пооправдани, бидејќи сепак, нивното реално шоу го има на повеќето наши кабелски оператори и дигитални телевизии.

scena154-tanja-blazeva

Фолкерката Тања Блажева, која не ѝ е позната ни на поголемиот дел од македонската публика, по влегувањето во реалното шоу „Хотел Малдиви“, честопати е цел на медиумите.

 

Но, кога станува збор за имиња како Тијана Ајфон, Нивес Целзиус, Гастоз, Рада Манојловиќ, децата на Цеца и слични такви, и секој нивни потег, проблемот е веќе поголем. Се пишува за секој и сешто од српската или од хрватската јавна сцена. Се преведува од збор до збор за лица кои не нѐ засегаат во ниедна сфера, за сообраќајки кои не се случиле ни блиску до македонската граница. Најморбидното од сѐ, се пишува и за погреби од несреќи случени некаде во најзафрлениот дел на БиХ.

Од друга страна, колку Македонците и нивните патешествија имаат простор во српските „Блиц“, „Курир“, „Телеграф“, или во хрватскиот „Индекс“?!

Очекувано, одговорот е многу малку. Како што, веројатно, и треба да биде.

Балканските медиуми се интересират за згодните, убавите, но и за успешните македонски девојчиња. Сепак, секогаш за Македонки кои публиката ги знае и се интересира за нив.

scena154-aleksandra-nakova

Александра Накова

Изненадувачки, меѓу најпишуваните, е старлетата Александра Накова, која регионалната публика ја запозна преку учеството во реалното шоу „Сарвајвер“ . Накова понекогаш може да се појави во вест во Србија, најчесто поради разголена фотографија од плажа или во напис со наслов „Каде е денес“.

scena154-marjana-stanojkovska

Марјана Станојковска

Меѓу најновите интереси на српската публика е и Марјана Станојковска. Долгоногата „лото“ девојка „заработи“ неколку написи по српските медиуми, благодарение на одличната форма и фигура.

Во еден текст за најзгодните Македонки се најдоа и водителката Лила Филиповска и пејачките Викторија Лоба и Симона Попоска. Но, колку и да имаат провокативни фотографии постојано објавувани низ македонските портали, тие три никогаш повеќе не се појавиле во друг текст. Само затоа што се згодни или разголени.

scena154-lila

Лила Филиповска

За Каролина Гочева најчесто се пишува кога станува збор за нејзината музика, за нејзиниот настап или ако имала интервју во некои од познатите списанија или емисии. Можеби најголема турканица околу неа се направи кога таа излегуваше со Михајло Ражнатовиќ, најстариот син на Аркан.

 

За разлика од девојките, голем простор во медиумите секогаш им се посветува на момчињата, но само благодарение на нивното учество во музичките шоуа, каде речиси сите кандидати стигнаа до финале. Даниел Кајмакоски, Трајче Ѓеоргиев, Боби Мојсоски, Давид Темелков и Филип Божиновски некогаш добиваа дури и повеќе внимание од останатите кандидати.

 

scena154-tamara-todevska

Тамара Тодевска

Тамара Тодевска во Србија е најпозната како сестрата на Тијана Дапчевиќ, но сепак, нејзината трансформација од, како што пишуваат, буцка до секс-бомба, како и разголениот календар за „Пелистерка“ неколкупати најде место во регионалните портали. Нејзината свадба, исто така, предизвика големо внимание, но ретко кога нејзините фотографии во топлес издание на плажа или нејзините патувања, биле дел од вест, за разлика од српските пејачки кај нас.

scena154-elena

Елена Ристеска

Иако имаше мало затишје по нејзиното учество на „Евровизија“, Елена Ристеска минатата година направи „бум“ низ тамошните медиуми, но сето тоа благодарение на нејзиното учество во шоуто „Твоето лице звучи познато“. Ристеска сега го „напаѓа“ тамошниот пазар со новиот албум кој ќе излезе наскоро.

Калиопи, како вистински професионалец, секогаш знае кога и како да стигне до медиумите. На пример, кога го промовираше последниот албум, промоцијата ја отвори со својот развод од тринаесет години помладиот Васил Зафирчев. Очекувано, веста се најде во сите хрватски и српски медиуми.

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 154. број на неделникот „Република“, 14.08.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top