| четврток, 6 декември 2018 |

За спортски објекти инвестирани околу 23 милиони евра, спортот останува владин приоритет

сали

Изградбите на спортските и училишните сали, фудбалските терени, тениските и повеќенаменските игралишта во сите региони и општини претставуваат еден од приоритетите на државата за развојот на спортот и спортската култура кај граѓаните.

Паралелно со изградбата на Националната арена „Филип Втори“ и спортската сала „Борис Трајковски“, спортски објекти се изградени или се градат во секоја општина низ државата.

Во рамки на проектот за изградба на училишни спортски сали досега се изградени вкупно 47 училишни спортски сали, за кои се инвестирани 1,4 милијарди денари или околу 23 милиони евра, со што се подобрени условите за спорт и рекреација на околу 40 илјади ученици ширум Македонија. Вкупно изградени се 82 спортски сали, вклучително тие на Агенцијата за млади и спорт.

Капиталните проекти во спортот се од големо значење за создавање услови за рекреација на граѓаните, услови за развојот на младите генерации кои со спортувањето покрај физички се развиваат и како личности.

– Покрај спортските успеси, спортските сали имаат многу други намени. Тие се значајни за рекреација и за физичкиот развој на младите, на децата, за нивно насочување кон спортот и кон здравиот живот место кон пороците или кон кој било друг вид на нездрав живот. Тие се значајни за правилна физичка изградба на младите луѓе, но тие влијаат и на психичкиот развој затоа што преку спортот се гради и личноста. Преку спортот се учат многу работи, се учи да се победува, се учи понекогаш да се загуби па откако ќе се загуби како да се подготви за наредниот натпревар на кој ќе се победи. Се учи да се респектира противникот бидејќи тоа е првата лекција за да може да се победи. Се учат многу работи и затоа велам спортот е важен и за физичкиот и за психичкиот развој на децата и за нивниот здрав живот и за нивната насока во правилен правец, а не во правецот на пороците или на нездравиот живот и однесување – смета премиерот Никола Груевски.

Според продеканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје Ленче Алексовска-Величковска, изградбата на сите спортски објекти во државата е од огромно значење.

– Сите спортски објекти се редовно посетувани и тоа е еден одличен чекор, одлична визија која не доближува до европските и светските стандарди бидејќи спортот е амбасадор, спортот носи здравје, а ние сите сакаме да бидеме здрави особено нашите деца. Како професори, не само што ги учиме децата на спортска култура, туку и постојано ги поттикнуваме да бидат против сите оние негативни тенденции, како агресивно однесување, малолетничка деликвенција… Спортот е првата активност која може успешно да се спротивстави на се она што носи современото живеење – вели Алексовска- Величковска.

Според неа, се повеќе млади се заинтересирани да се занимаваат со спорт. – Се радувам што има луѓе што оваа димензија ја препознаа и веќе четири или пет години наназад постојано се работи на таа инвестиција. Не постои ниту еден човек што ќе биде против спортски игралишта бидејќи и за менталното и за физичкото здравје е потребно да се занимавате со физичка активност, додаде Алексовска- Величковска.

Проектот на Владата, „Изградба на 145 училишни спортски сали“ опфаќа изградба и опремување на 30 спортски сали во средните училишта и 115 во основните училишта. Со проектот обезбедени услови за спорт ќе имаат вкупно 110.000 ученици.

Носители на проектот „Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали“ се Владата и Министерството за образование и наука. Буџетските средства кои ги обезбеди Владата за овој проект изнесуваат 4,2 милијарди денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top