Последната пречка на Работнички пред групната фаза на Лига на Европа е рускиот гигант Рубин Казан кој од синоќа се наоѓа во Скопје. Експедицијата на Рубин последните подготовки за престојниот меч со Работнички кој се игра в четврток со почеток од 20 часот на арената „Филип Втори“ ќе ги одработи на стадионот во градски парк.
И покрај нескриениот факт дека Рубин сезонава игра во далеку од посакуваната форма со само три бода во домашниот шампионат од пет натпревари, во рускиот табор владее оптимизам по пристигнувањето во македонскиот главен град. Никој во тимот не сака во ниту еден момент да го потцени Работнички, кој својот квалитет го покажа на двата дуели против Трабзонспор, но фудбалерите на Рубин се категорични…
Дојдовме во Скопје по победа. Не го потценуваме Работнички, но квалитетот е на наша страна – порачуваат и преку видео пораката за официјалната интернет страница на клубот.
И поголемиот дел од руските медиуми се убедени дека тимот од Казањ ќе слави утре од 20 часот на националната арена „Филип Втори“. Во својата анализа пред утрешната пресметка „Советски спорт“ наведува дека сепак Рубин има далеку поквалитетен состав од Работнички кој претходно во минатото покажувал дека знае да одигра најдобро тогаш кога е најпотребно.
– Рубин силно посакува да дојде до групите од Лигата на Европа. Токму тоа е повеќе од доволен мотив за веќе конечно својата сила да ја покаже на натпреварите со Работнички. Точно е дека тимот на Билјалетдинов воопшто не е во форма, точно е дека според игрите до сега не може да се каже дека е апсолутен фаворит, но факт е дека сето тоа не може да трае долго. На последниот меч во Краснодар потврди дека полека се враќа во посакуваниот ритам, токму пред одлучувачките натпревари за пласман во групите од Лигата на Европа. Олеснителна околност е што за Работнички нема да игра нивниот најдобар фудбалер Илијоски, како и репрезентативецот на Македонија, Душко Трајчевски. Затоа веруваме дека ќе победи уште на првиот натпревар во Скопје со што ќе си ја олесни задачата за реваншот – се вели во анализата на „Советски спорт“.
Ако се гледа и според коефициентите во обложувалниците, Рубин Казањ е фаворит за победа уште на првиот натпревар во Скопје. За победа на Русите, коефициентот е 2.00, за триумф на Работнички е 4.40, а за реми на дуелот на „Филип Втори“ – 3.20.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.