| четврток, 6 декември 2018 |

„Три дена во септември“ на Даријан Пејовски во официјалната програма на фестивалот во Монтреал

Македонскиот игран филм „Три дена во септември“ во режија на Даријан Пејовски влезе во официјалната програма на годинашното издание на Филмскиот фестивал во Монтреал (Montreal World Film Festival).

Ова е единствениот фестивал на територијата на Северна Америка впишан на листата од петнаесет компетитивни фестивали во светот на ФИАПЕ, Меѓународната федерацијата на асоцијации на филмски продуценти, одоговорна за регулирање на филмските фестивали на светско ниво. Овој фестивал со дологогодишна традиција ќе се одржи по 39. пат, во периодот од 27 август до 7 септември.

„Три дена во септември“ во Монтреал ќе ја доживее својата светска премиера, и како дебитантски долгометражен филм на режисерот, ќе се натпреварува за една од наградите на светската компетиција на први филмови – Златен, Сребрен и Бронзен зенит.

„Три дена во септември“ е приказна за две сосема различни жени, кои по игра на судбината се присилени да си помогнат една на друга. Марика убива човек во самоодбрана. Таа бега со воз и ја запознава Јана, тивка и срамежлива жена во своите доцни 30-ти. Јана патува кон својата куќа во изолиран крај длабоко во планините, кој ги крие нејзините тајни. Марика препознава шанса за да се засолни. Деновите минуваат во тивка меланхолија, а сомнежот на двете жени за нивните вистински намери станува сѐ посилен.

Филмот е снимен по сценарио на Даријан Пејовски и Игор Иванов, директор на фотографија е Димо Попов, сценографија – Снежана Поњавиќ – Муча, костимографијата е на Емилија Ивановска – Атанасовска, шминка – Симона Ристевска, монтажа – Владимир Павловски и дизајн на звук Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, копродуцент Валон Бајгора. Улогите ги толкуваат Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски, Адем Карага, Салаетин Билал, Милица Стојанова, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Кријезиу, Ментор Зимберај, Блерим Черичи.

„Три дена во септември“ е копродукција меѓу Скопје филмско студио од Македонија и Иконе студио од Косово, а проектот беше поддржан од страна на Агенцијата за филм на РМ и Косовскиот филмски центар.

Проекциите на филмот во Монтреал се закажани за 2 и 3 септември во „Синема ду квартиер империјал“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top