| четврток, 6 декември 2018 |

Четириесетина странски поети на Струшки вечери на поезијата

Мексико е годинава земја во фокусот и од таму ќе дојдат четворица поети. Ќе биде објавена Антологија на современата мексиканска поезија меѓу изданијата од едицијата „Плејади“

Триесет и девет странски поети ќе учествуваат на 54. Струшки вечери на поезијата, кои ќе се одржуваат еден ден подолго од минатите изданија, од 26 до 31 август.

струшки вечери

Од странските учесници има познати имиња во современиот поетски свет кои доаѓаат од Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија… автори кои уште со првата книга го привлекле вниманието на книжевната јавност. Гости ќе бидaт неколку арапски поети, меѓу кои  сириско-либанскиот поет со светска слава, Адонис, кој е лауреат на СВП од 1997, поети добитници на значајни литературни награди, како Јусеф Комунјака од САД – добитник на Пулицерова награда, како и петмина поети од листата на меѓународната поетска платформа „Версополис“, во која учествуваат фестивали од 11 земји, а СВП е еден од нејзините иницијатори.

Мексико е годинава земја во фокусот и оттаму ќе дојдат четворица поети. Ќе биде објавена „Антологија на современата мексиканска поезија“ меѓу изданијата од едицијата „Плејади“.

– Фестивалот ќе понуди избор на одлична мешавина од најзначајните и веќе прочуени светски поети и оние што веќе надоаѓаат на светската поетска сцена – рече Мите Стефоски, директор на фестивалот, на денешната прес-конференција во Скопје.

Покрај поетите-учесници, гости на СВП ќе бидат и директори на поетски фестивали и претставници на издавачки асоцијации  од Германија, Канада, Месико, Турција…

– Со тоа ќе овозможиме рецепција и на македонската поезија во светски рамки – рече Стефоски.

Фестивалот ќе биде свечено отворен на 26 август пред платото на Домот на културата во Струга и таму ќе остане до 30 август, а на 31 месецов продолжува во Скопје, каде што ќе има две поетски читања – матине на Матка и кај Споменикот на гемиџиите на кејот кај Камениот мост.

Од 23 август ќе има претфестивалска, неофицијална програма, во која ќе биде отворен Саем на книга и презентација на македонската книжевна продукција, како и преводни изданија.

Врачувањето на сите награди – „Златен венец“ на кинескиот лауреат Беи Дао, „Мостови на Струга“ – за дебитантска поетска книга на млад странски автор (на Паола Бозалонго од Шпанија) и на македонскиот поет кој ќе ја добие наградата „Браќа Миладиновци“ ќе биде, како и во минатите години, на затворањето на фестивалот на програмата „Мостови“.

Покрај традиционалните, фестивалот оваа година ќе има нови или редизајнирани стари содржини, кои ги најави директорот Стефоски. Рече дека внесуваат и визуелни медиуми за популаризација на поезијата, па ќе има поетски филмови во соработка со „Зебра поетри филм фестивал“ од Берлин, а ќе гостува и неговиот директор Томас Волфарт, кој ќе одржи предавање за поетскиот филм. Ќе бидат прикажани и документарни филмови за досегашните лауреати на СВП.

Новина се и новите начини на читање на поезијата, па се востановуваат книжевни минипортрети, меѓународно поетско читање „Кругови“ за презентација на поезија од сите континенти, како и нови локации за поетски читања за да, како што рече Стефоски – се избега од локалноста – крајбрежјето на Струга, и да се почувствува фестивалската атмосфера низ цела Македонија. Тоа ќе се постигне со истовремени поетски настани на 27 август низ градовите во Македонија (Охрид, Битола, Скопје, Велес, Ресен…). Нова локација за читање поезија ќе има и во Охрид – кај споменикот на Св. Климент.

Реформатиран ќе биде и традиционалниот симпозиум, осовремен во фестивалска смисла, со напуштање на научниот пристап и со дискусии во низа во разни термини. Темата годинава е „Изгубено – најдено во преводот“, а целта е да се потенцира значењето на книжевниот превод. Ќе бидат презентирани и петтемина поети (од Шведска, Австрија, Белгија, Словенија и Исланд) од платформата „Версеполис“, проект поддржан од програмата на ЕУ „Креативна Европа“.

Стефоски најави уште една новина за која СВП дополнително ќе информира – зимски поетски фестивал од 1 до 6 декември со четворица поканети поети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top