Трошоците на живот во јули во однос на јуни годинава се намалени за 0,7 проценти, а цените на мало за 0,3 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика. Во јули годинава во споредба со јули лани трошоците на живот се намалени за 0,4 проценти, а цените на мало за 1,4 проценти.
Намалувањето на трошоците на живот од 0,7 процент во јули годинава, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на свежиот зеленчук за 18,9 проценти, свежото овошје за 2,7 проценти, јајцата за 1,7 проценти, сувомесните производи за 0,8 проценти, конзервираните месни производи за 0,6 проценти, конзервираниот зеленчук за 0,5 проценти, свежото млеко за 0,4 проценти, полутрајните колбасичарски производи за 0,3 проценти и безалкохолните пијалоци за 0,2 проценти.
Намалување на трошоците на живот е забележано кај болничките услуги за 5,8 проценти, средставата за чистење и одржување на станот за 2,2 проценти, обувките за 1,3 проценти, електричните апарати – големи за процент, електричната енергија за домаќинствата и течните горива и мазива за 0,4 проценти.
Пораст на трошоците на живот во јули годинава во споредба со претходниот месец, е забележан кај тутунот за 5 проценти, сувото овошје за 1,4 проценти, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1,1 процент.
Во јули пораст на трошоците на животот е забележан и кај услугите за сместување за 13,2 проценти, лековите за 3,5 проценти, информатичката опрема за 3,1 процент, туристичките пакет-аранжмани за 2,6 проценти, гасот за домаќинствата за 1,3 проценти, облеката, мебелот и текстилот за домаќинствата за 0,3 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.