ЖРК Вардар сериозно влегува во новата сезона. Екипата е надградена со две врвни ракометарки со кои ќе се атакува на европскиот трон. Сања Дамњановиќ и Андреа Човиќ ќе ги засилат позициите за кои беа дефицитарни минатата сезона. Дамњановиќ доаѓа од Виборг и игра на левата бековски позиција, додека Човиќ е поранешен играч на Подравка и ќе го засили местото пивот, по заминување во спортска пензија на Бегоња Фернандез.
За таа цел, управата на клубот за разлика од минатите летни подготовки обезбеди голем број пријателски натпревари и учество на два големи турнири во август, а до почетокот на Лигата на шампионите и неколку натпревари со реномиран спаринг-партнер кој треба да допатува во Скопје.
За да се мине следната рунда во Лигата на шампионите во група со Митјиланд, Хипо и повеќе од очигледно Ѓер кој се очекува дојде од квалификациската фаза, вардарки мора да се пласираат на едно од првите две места во групата.
Групата е тешка и затоа мора максимално да се подготват.
Тоа го искажува и тренерот Индира Кастратовиќ и им посакува топло добредојде на новите две ракометарки во „црвено-црното“ семејство.
– Да им посакам добредојде на Андреја и Сања. Покажаа дека лесно ќе се вклопат во нашиот систем. Во понеделник тргнуваме за Франција, каде ќе играме со Флери, кои се наши пријатели. Очекувам да продолжи таа соработка и во иднина. Потоа одиме за Букурешт, и после во Скопје, на наш турнир. Добро е што ќе имаме повеќе натпревари. Се надевам дека на крај на септември ќе имаме спаринг партнер, и после имаме доста време за подготовка. Имаме два месеци за подготовки, во октомври да бидеме во топ форма – изјави Индира Кастратовиќ.
Двете ракометарки се желни за докажување и посакуваат токму со Вардар да дојдат до титулата во Лигата на шампионите.
Напорно и серизно ќе се подготвуваат истакнуваат дека одлично се прифатени од новите колешки во тимот и се надеваат на разбирање и толерантност за подобра адаптација.
Дамњановиќ се обврза на двегодишна верност до Вардар, додека Човиќ потпиша тригодишен договор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.