Пред споменикот на десетте загинати воени резервисти на Карпалак во прилепскиот гарнизон „Мирче Ацев“ денеска се одбележа 14-годишнината од загинувањето на македонските бранители. Тие загинаа на 8 август 2001 година кај местото Карпалак, на патот Скопје-Тетово, кога конвојот на АРМ беше нападнат од заседа.
Во спомен на прилепски бранители – Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердоган Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски цвеќе положија и се поклонија нивните најблиски, пријателите, соборците, претставниците на АРМ, на локалната самоуправа, на институциите, партиите и граѓаните.
– Тие го дадоа своето утре за ние да го живееме нашето денес – рече меѓу другото во своето обраќање пред присутните потполковник Ѓорѓи Василевски.
Василевски нагласи дека ниту еден војник, ниту командир не може да ги подготви да се носат со човечките жртви.
– Споменикот во касарната не случајно е ставен на крстопат, како што животот е непредвидлив. Во историјата на нашата нација, во сите генерации, постојат такви кои стојат исправено. Тие ги креваат сопствените раце во моментите кога од нив е побарано, облекуваат униформа и го ставаат својот живот во залот на државата, семејството, пријателите, колегите. Од нас се бара да бидеме постојано подготвени, ментално и физички да исчекориме напред. Затоа, за нас припадниците на Армијата и на нашата единица, овој ден и овој споменик не потсетуваат колку е скап влогот кој нашата професија и посветеност го бара од нас – рече потполковник Василевски.
Присутните ја посетија Спомен-собата во кругот на Касарната која ги чува документите и спомените на борците од НОБ, но и на десетте прилепски бранители кои загинаа кај Карпалак во 2001.
Според претседателот на советот на Прилеп, Никола Димески, Прилеп денес и утре со почит се сеќава на своите десет бранители.
– Нека нивната храброст и пожртвуваност за татковината, денес ни бидат водилки за сите решенија кои ќе ги носиме во државата. Да има мир и заедничко разбирање за да не се повторат никогаш вакви воени конфликти – рече Димески.
Цвеќиња беа положени и кај народните херои од НОБ, чиј споменик е во кругот на гарнизонот „Мирче Ацев“, наспроти споменикот на загинатите кај Карпалак.
Централното одбележување на 14-годишнината на прилепските воени резервисти е утре, на денот на нивното загинување, во центарот на Прилеп пред споменикот „Карпалак“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.