Поранешниот аргентински претседател Карлос Менем е изведен на суд, за терористичкиот напад врз Еврејскиот центар во Буенос Аирес, извршен во 1994 година.
Менем (85) е обвинет за „попречување на истрагата„ во врска со нападот, заедно со уште 12 други обвинети во овој процес.Поранешниот претседател, меѓутоа, не се појави на почетокот на судењето, објаснувајќи го своето отсуство со „нарушеното здравје„ и поодминатите години.
На почетокот на процесот не се појави и некогашниот директор на аргентинското разузнавање, Хуго Анцорегај кој раководеше со тајната служба, во времето кога Менем беше шеф на државата, со истото оправдување како и поранешниот претседател.
Анцорегај кој е еден од обвинетите во сегашнииот процес, во 2013 година, беше осуден на седум години затвор за неговата улога во изградената илегална шема за шверцување оружје и муниција за Еквадор и Хрватска, но тој го одбегна издржувањето на казната, поради својата возраст и затоа што е сенатор.
Во силната експлозија која целосно ја разурна седумкатната зграда, во која беше сместен Еврејскиот центар, беа убиени 85 лица, а други 300 беа повредени.
Аргентинското обвинителство и порано и сега, за терористичкиот напад го обвнува Иран, за кого се вели дека го испланирал и го финансирал нападот, што го извршиле припадници на проиранското шиитско милитантно движење Хезболах.
Иран категорично ги отфрла ваквите обвинувања, инсистирајќи дека нема никаква врска со нападот од пред 21 година, а обвинвањето за „попречување на истрагата„ ја отфрла и Карлос Менем.
Почетокот на процесот во кој им се суди на поранешниот претседател и неговиот директор на тајната служба, доаѓа во време на бројни контроверзи околу нападот, за кој Аргентина и сите нејзини влади, во изминатите две децении, немаат обезбедно прецизен одговор.
На почетокот на пролета, оваа година, во својот стан во Буенос Ајрес беше најден мртов, специјалниот иследник Алберто Нисман кој една деценија го истражуваше терористичкиот напад.
Тој беше најден застрелан во главата, само десетина часови пред да се појави како сведок пред парламентарната комисија за безбедност, откако јавно ја обвини претседателката Кристина Фернандез де Кирхнер, дека ја „прикривала иранската вмешаност„ во терористичкиот напад, за да обезбеди вносен трговски договор со властите во Техеран.
Кирхнер ги отфрли ваквите обвинувања и ја обвини тајната слуќба на Аргентина дека го „хранела„ Нисман со лажни податоци и обвинувања, па одлучи да ја распушти службата и да формира нова.Таа прво тврдеше дека Нисман се самоубил, а подоцна побара истрага за неговото убиство, обвинувајќи ги за тоа „мрачните сили„ од времета на аргентинската хунта.
Убиството на Нисман, како и одолговлекувањето со истрагата околу нападот од 1994 година, предизвика масовни протести низ Аргентина и барање одговорност за актуелната влада и за претседателката.
Само неколку месеци по тоа, во Буенс Ајрес почнува судски процес на кој еден од обвинетите е поранешниот претседател Карлос Менем, со обвинување кое е идентично на она што иследникот Нисман и го припиша на Кристина Кирхнер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.