Девет лица се приведени, а по 27 се трага по антитерористичката акција на МВР наречена „Ќелија“, која беше спроведена утрово во 3 часот и 30 минути во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Струга.
Како што истакна денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи Митко Чавков, акцијата била планирана од септември минатата година до јули оваа година, при што биле обезбедени материјали за македонски државјани од повеќе националности за активно учество во организирање и подготвување лица за вклучување во паравоени формации надвор од територијата на Македонија.
– По добиените наредби од судија на претходна постапка извршени се вкупно 28 претреси кај 24 физички лица и четири објекти, од кои 21 во домови и други простории во Скопје, четири во Гостивар и по еден во Тетово, Куманово и Струга. Претреси биле извршени во интернет кафето „Фастнер“, придружните објекти на џамијата Тутунсуз, како и во просториите на невладините организации „Искра на милоста“ и „Исламска младина“- Сарај- истакна Чавков.
При претресот биле одземени 38 десктоп компјутери, 18 лаптопи, 18 таблети, 119 мобилни телефони, 77 сим картички, 65 држачи за сим картички, шест хард дискови, 45 мемориски стикови, 35 мемориски картички, еден пиштол гасен, тактички елек со опасач и футрола, 2.870 евра и 900 долари, три патни исправи, 114 ЦД-а, потврди за прилив на пари, два боксирачи, три камери и фото апарати и два диктафона.
– Одземените предмети ќе бидат предадени на одделот за криминалистичка техника за нивна натамошна обработка и вештачење заради пронаоѓање дополнителни докази. По завршување на вештачењето ќе биде поднесен и соодветен извештај до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција- истакна Чавков.
Според досегашните докази, додаде, до ОЈО поднесени биле кривични пријави против 36 лица од Скопје, Гостивар, Тетово, Куманово и Струга на возраст од 19 до 49 години за сторени кривични дела учество во странска војска, полиција, паравоени и параполициски формации. Чавков нагласи дека од лицата по кои се трага, 20-тина од нив се уште се наоѓаат на боиштата во Сирија.
На новинарско прашање за нивната регрутација, министерот рече дека процесот е различен, а биле регрутирани за учество на боиштата во Сирија и во други кризни подрачја.
– Различен е и тоа е долготраен процес со кој се опфаќаат потенцијални лица за кои се има проценки дека ќе влезат односно ќе бидат поминати низ тој процес. Така што тоа е и еден од сегментите кој е многу важен во нашата стратегија за борба против тероризам, во делот на столбот за превенција, заштита, односно делување на факторите кои овозможуваат регрутација, односно радикализација- истакна Чавков.
Тој потврди дека меѓу уапсените е и имамот Реџеп Мемиши, кој според информациите на МВР, се смета за еден од идеолозите и дека дополнително со анализата на доказите кои се обезбедени ќе се добијат уште поконкретни информации за неговиот ангажман, односно за неговата активност и улога во регрутирањето или во координирањето на овие терористички мрежи.
На прашање дали има центри за обука, Чавков рече дека не може да каже дека формално правно има такви центри за обука, меѓутоа, вели, има средини каде што се врши таква форма на активност.
Тој посочи дека околу 16 лица од Република Македонија се загинати на боиштата, околу 130 вкупно учествувале или учествуваат. Еден дел, наведува, се уште учествуваат на боиштата, така што очекува дека со спроведување ефективна истрага и анализа на доказите кои денеска се обезбедени ќе бидат сигурно потврдени и тие врски што претходно се утврдени врз основа на оперативни информации или на други странични докази.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.