| четврток, 6 декември 2018 |

Апел за помош на настраданите во Тетовско

tetovo1Помош со донирање вода за пиење, средства за хигиена, храна, ќебиња… е потребна за  домаќинствата во тетовскиот регион погодени од синоќешното невреме.

Помошта може да се предаде во магацините на Црвениот крст во Момин Поток, од 8 до 16 часот, секој ден до 15 овој месец. Контакт-телефон за предавање донација: 3096-227.

Од Црвениот крст на Република Македонија информираат дека заинтересираните правни субјекти и граѓани можат да се вклучат и со обезбедување парична помош на сметката на Фонд за солидарност: 300000001327966, ДБ: 4030984271620 – Комерцијална Банка, како и со донирање 100 денари со повик на телефонските броеви: 075/070/077 143-400.

Црвениот крст, следејќи ги случувањата на терен, донираните парични средства ќе ги насочи наменски за помош на населението настрадано од поплавите, се вели во соопштението.

Досега Црвениот крст дистрибуираше помош, 100 пакети храна, 200 средства за хигиена, 150 сетови за дезинфекција, 400 ќебиња, 30 душеци, 10 вреќи за спиење и 1.260 литри флаширана вода за пиење. Дополнително се дистрибуирани и 15 тони вода за пиење.

Невремето во тетовскиот регион одзеде четири човечки животи, едно лице се води за исчезнато, а 11 се повредени, и предизвика материјална штета. Во Тетово денеска и утре се прогласени денови на жалост.

Владата вчера на вонредна седница донесе одлука  да се исплати еднократна првична парична помош за домаќинствата погодени од невремето во Тетовско, а специјално формирана Комисија ќе ги проценува штетите на имотите врз основа на што ќе се утврди висината на натамошната помош.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top