Скопјани се љубители на расни кучиња и посветуваат многу љубов и време за нив, но има и несовесни сопственици кои откако ќе решат дека повеќе не си го сакаат кучето, наместо да му најдат нов дом, го оставаат да талка по улиците. Поради тоа, во стационарот за бездомни животни „Вардариште“ редовно може да се видат и расни кучиња кои чинат илјадници денари, како што се германски овчари, добермани, сибирски самоједи, ротвајлери, питбул-териери, хаски, кане корсо и други видови. Моментно има 5, пишува „Дневник“.
Само во текот на оваа година, заклучно со јули, шинтерската служба при Службата за хуман третман на бездомни кучиња во Вардариште заловила 15 расни кучиња. Лани од улиците собрале 30.
Според надлежните служби на Јавното претпријатие „Kомунална хигиена“, под чии ингеренции е стационарот, најчестата причина поради која сопствениците ги напуштаат миленците е – нивната старост. Не е хумано, но се случува, кучето кое десетина години некому му било верен пријател да заврши да талка на улица само затоа што остарело. Има и уште побизарна причина поради која скапите и негувани кучиња скитаат – нема кој да ги чува кога сопствениците одат на одмор.
– Нашите шинтерски служби не ги заловуваат расните кучиња ако ги забележат еднаш, бидејќи тоа можеби е инцидентен случај. Но, ако два или три дена по ред, кучето е повторно видено на истото место, надвор, а без сопственик или, пак, има неколку пријави за него од граѓани, се заловува и се носи во стационарот „Вардариште“ – вели Ќемал Муслиу, помошник-директор за оперативно-технички работи во „Kомунална хигиена“.
Kога ќе се однесат во стационарот, расните кучиња подлежат на ист третман како и останатите бездомни животни.
– Тие се изложуваат на ветеринарен преглед, подлежат на тест за лишманија, третман на стерилизација, прочистување од внатрешни и надворешни паразити и вакцинација од беснило – објасни Димче Мицковски, раководител на Службата за хуман третман на бездомните кучиња.
Според Муслиу, откако ќе заврши третманот, на веб-страницата на „Kомунална хигиена“ објавуваат информации за заловеното куче со негова фотографија.
– Потоа се остава рок од 30 дена за сопственикот да си го земе кучето. Ако дојде, треба да докаже дека е негово, со документација која ја поседува за кучето и си го земе. Во спротивно, го даваме на посвојување. Досега во сите случаи кога сме имале расно куче, тоа било посвоено – истакна Муслиу.
Во моментов во Вардариште има пет расни кучиња и 59 бездомни кучиња кои чекаат да бидат удомени.
На веб-страницата на комуналното претпријатие стои дека сите заинтересирани граѓани од вторник до сабота од 9 до 13 часот може да дојдат во стационарот и да си одберат куче. Притоа, кучињата од најразлични раси и големини што се определени за удомување, на граѓаните им се отстапуваат третирани и вакцинирани и без никаков паричен надоместок. Секој граѓанин што удомува куче, мора да пополни формулар со своите податоци и се обврзува да биде одговорен сопственик почитувајќи ги постојните закони, а формуларот го има и на веб-страницата www.khigiena.com.mk.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.