| четврток, 6 декември 2018 |

Врие од инспекции по грчките плажи и туристички места

Од хотелите со пет ѕвездички до камповите, грчките даночни инспектори ова лето се фокусираат на решавањето на проблемите со затајување на даноци во популарните туристички места.

По зголемувањето на стапката на данок на додадена вредност, владата на премиерот Алексис Ципрас вети дека ќе се избори со затајувањето на даноци, пренесува Ројтерс.

„Ќе започнеме со скапите дестинации и луксузните хотели, но ќе влеземе и во најмалите кампови и одморалишта“ изјави заменик министерот за финансии, Трифон Алексијадис, откако проверката која ја спроведе тимот за финансиски криминал од Министерството за финансии покажа дека речиси едно од четири претпријатија во Грција ги крши даночните прописи.

Поради буџетските кратења, тимовите кои ги истражуваат финансиските прекршоци во Грција немаат доволно лица, но од други одделенија ќе бидат ангажирани инспектори кои ќе помогнат во истрагите, изјави Алексијадис.

Според податоците на грчкиот Секретаријат за јавни приходи, повеќе од една третина од претпријатијата кои работат на грчките острови избегнуваат плаќање на даноци. Според извештајот на Серетаријатот, кој се базира на 568 даночни контроли во компаниите во Пиериа, на Халкидики, островите на северот и југот на Егејското море и на Крит, во 210 случаи е откриено прекршување на даночните прописи.

Туризмот донесува околу една петина во бруто домашниот производ и е важен двигател на економскиот раст, а даноците собрани во тој сектор значително придонесуваат во буџетот.

Во неодамнешниот извештај за грчката економија, ММФ порача да се поправи собирањето на даноци, но и дека затајувањето на даноци и натаму е зачестено меѓу богатите граѓани и самвработените.

Асоцијацијата на грчките туристички претпријатија (SETE), врз основа на инспекциите спроведени во туристичките објекти во Грција, проценува дека еден од два такви објекти работи нелегално, што не само што ја лишува државата од повеќе од потребните приходи, туку и го намалува пазарниот удел на претпријатија кои во тој сектор работат легално.

SETE наведува дека постојат основни причини за сомнеж дека повеќе од 1.000 од околу 2.000 проверени објекти работат без дозвола, а тоа главно се однесува на апартманите, вилите и луксузните вили, кои нудат сместување на популарните сајтови за онлајн резервирање.

Во некои случаеви, тие објекти остваруваат приходи од повеќе илјадници евра, а не плаќаат ниту едно евро данок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top