| четврток, 6 декември 2018 |

Потврдено: Остатоците од авионот пронајдени во Индискиот Океан се од малезискиот МХ 370

Делот од бројот на остатоците од авионот пронајдени на островот Реунион во Индискиот Океан потврдува дека тоа е предмет од авион од типот „Боинг 777“, изјави денеска заменикот-министер за сообраќај на Малезија Абдул Азиз Каправи.

– Врз основа на дел од бројот, потврдено е дека станува збор за Боинг 777. Таа информација ја добив од „Малезија ерлајнс“, истакна Каправи, пренесува Срна.

Австралиските власти, кои учествуваа во потрагата по исчезнатиот авион претходно соопштија дека е повеќе се убедени дека остатоците пронајдени од леталото се од исчезнатиот авион.

Директорот на австралиското Биро за безбедност во авионскиот сообраќај, Мартин Долан за Би-Би-Си претходно денеска изјави дека е „многу веројатно“ оти авионските остатоци му припаѓаат на исчезнатиот малезиски „Боинг 777“.

– Деловите сега се испитуваат, но најверојатно станува збор за малезискиот авион, затоа што нема регистрано друг случај на исчезнување на „Боинг“ од овој тип, изјави Долан, кој раководеше со австралискиот тим на експерти што трагаа по леталото.

„Боингот 777“ на компанијата „Малезија Ерлајнс“ на почетокот на март минатата година исчезна набргу по полетувањето, заедно со 239 патници и членови на екипажот. Авионот леташе на својата редовна линија од Куала Лумпур за Пекинг.

Малезиските власти сметаа дека според сигналите на авионот регистрирани од сателит, леталото најверојатоно се урнало во јужниот дел на Индискиот Океан. Потрагата по леталото продолжи сите овие 18 месеци, но во јануари годинава Владата во Куала Лумпур сите патници во исчезнатиот авион ги прогласи за починати.

Во средата делови од авионско крило беа откриени во реонот на западниот Индиски Океан, 4.000 километри подалеку од областа каде што се претпоставуваше дека се урнал авионот.

Француските власти најдените делови ги префрлија на детално испитување во Тулуз во Франција, со цел да се утврди дали тие се од „Боингот“ на „Малезија Ерлајнс“.

Австралиските медиуми откриваат дека вчера „испливале“ и други авионски остатоци, како и еден куфер, а експерти на компанијата „Боинг“ отпатуваа за Европа за да се приклучат на истрагата.

Појавувањето на деловите толку далеку од оновата траса по која авионот требало да лета од главниот малезиски град кон Пекинг, одново ги покрена прашањата за причините за падот на леталото. Дел од меѓународни експерти стравуваат оти можеби не станува збор за навигациска грешка или за технички проблеми со авионот, туку дека пилотите намерно го урнале авионот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top