Списанието Нова Европа, претставувајќи ја Хрватска како 28-ма членка на ЕУ, ја истакнува по Тито, бајадерите, Туѓман, вегета, Никола Тесла, Северина…
Списанието Нова Европа, кое ги следи случувањата во Европската Унија, последниот број ѝ го посветил на дваесет и осмата членка, Република Хрватска, а меѓу славните Хрвати ги наброил Тито, Туѓман, Тесла, Иванишевиќ, Шукер и Северина. Од политичарите на листата се нашле само поранешниот претседател на СФРЈ и првиот хрватски претседател, но затоа пак листата на заслужни Хрвати е многу подолга. Освен Тесла, тука се Фауст Вранчиќ, Пенкала, нобеловецот Владимир Прелог, но го нема Мирослав Крлежа.
Од спортистите покрај Горан Иванишевиќ на листата се и Јаница Костелиќ, Давор Шукер и покојниот Дражен Петровиќ, а како особено заслужни Хрвати наброени се кардиналот Алојзие Степинац, Северина, Марко Поло, Иван Мештровиќ, Јосипа Лисац, Душан Вукотиќ и Марија Јуриќ Загорка. Критериумите за овој избор ги знае само уредништвото на Нова Европа, коментира сајтот Новости.
Меѓу јазиците кои се зборуваат во Хрватска, покрај хрватскиот и српскиот, се зборуваат и чешкиот, унгарскиот и италијанскиот, аистакнато е дека во Хрватска живеат 4,5 отсто Срби и 4,5 отсто „Босанци“.
Списанието истакнува и дека Хрватска има 2.600 сончеви часови годишно и 1.246 острови. Меѓу осумте национални паркови посебно место заземаат Плитвици, Бриони и Корнати, а хрватски марки се краватата, вегета, бајадера, пашкото сирење, далматинската пршута, пелинковецот на Бадел и шљивовицата, но го нема славонскиот кулен.
Најчести хрватски женски имиња се Марија, Ана и Ивана, а машки Иван, Јосип и Стјепан, пишува Нова Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


