| четврток, 6 декември 2018 |

Парното поевтинува

За 0,19 отсто се намалува цената на парното греење што го обезбедува Балкан енерџи груп (БЕГ), а за 0,86 проценти парното на ЕЛЕМ енергетика. Надоместот за греење од Скопје-Север останува ист како лани.

Како што соопшти денеска директорот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Димитар Петров, цената се намалува и за исклучените потрошувачи, за 0,75 отсто.

Во претстојната грејна сезона корисниците на БЕГ бесплатно ќе добијат плус еден час греење односно, место од 6 до 21 часот ќе имаат парно од 6 до 22 часот.

Новина е, додаде Петров, и тоа што за евентуално порано почнување на грејната сезона, репер ќе бидат прогнозите на УХМР, а не како досега реалното мерење на температурата два дена однапред.

– Парното ќе се вклучува пред грејна сезона ако просекот од прогнозите на УХМР покаже дека температурата ќе биде 12 степени – објасни директорот на РКЕ.

Според одлуката на Комисијата, за градинките, основните и средните училишта што се под „Балкан енерџи груп“ цената на парното ќе се намали за 14,45 отсто.  Елем енергетика, пак, просечната цена ја намалува за 0,86 проценти со тоа што корисниците кои плаќаат по мерач добиваат намалување за 4 отсто, а за оние што плаќаат по квадратен метар цената се зголемува за еден процент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top