Првата половина од годинешното 40-дневно фестивалско патување „Охридско лето“ ќе ја заокружи со театарска премиера, со изведбата на комедијата „Слуга на двајца господари“ на Карло Голдони, копродукциски проект на Турскиот театар и на Албанскиот театар од Скопје. Претставата „Слуга на двајца господари“ ќе се игра на сцената во предворјето на црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот.
Претставници на двете театарски куќи на денешната пресконференција изразија огромно задоволство што повторно се дел од „Охридско лето“ и на тој начин одбележуваат значајни јубилеи – 65 години од постоењето на двете театарски куќи, се разбира и јубилејот – 55 години „Охридско лето“. Директорот на Турскиот театар Атила Клинче за оваа копродукција, прва од осамостојувањето на Република Македонија наваму, рече дека реално произлегува од блискоста на двете куќи.
– Сметавме дека токму комедија би била најдобриот начин како да ја прославиме годишнината на двете куќи. Направивме драматуршка интервенција на дело на Голдони, претставата се игра на турски, албански и на македонски јазик, така што на тој начин публиката во практика ќе можат да види измешаност на јазици, но и култури – рече Клинче.
Адем Карага, неговиот колега од Албанскиот театар од Скопје, рече дека театарските куќи, актерските екипи се толку испомешани меѓу себе што на моменти дури и забораваат дека се заедно.
– Навистина ме радува што по толку години излегуваме со заедничка претстава. Се работи за прекрасно дело што ја отсликува реалноста во нашето општество, сето овозможено како од блискоста на актерските екипи на двата театари, се до начинот на што ни беше овозможено од страна на режисерот Јуџел Ертен – истакна тој.
Режисерот на претставата Ертен, кој зад себе има богата театарска кариера, и како режисер и како драматург, за оваа негова поставка рече дека е наменски избрана за да го прослави јубилејот на двете театарски куќи.
– Голдони го избрав затоа што неговото дело го отсликува народниот театар, претставен како литература. Тоа ни овозможува да дознаеме како се играле претставите во времето пред 250 години кога го создавал. Но, истовремено, тој народски театар, дава можност онаа дисциплинирана литература да ја играме на начин близок до публиката – рече Ертен, нагласувајќи дека во претставата дал можност да се презентира веселоста на театарската игра, враќање кон спонтаноста во нејзината изведба.
Ертен, кој е присутен во Македонија повеќе од 25 години и, како што рече, веќе добро ја познава театарската сцена тука, забележа дека од секогаш му бил првилечен тој амалгам, таа испреплетеност на јазиците во Македонија, нивната меѓусебна поврзаност. Самата претстава се изведува на три јазици, но е така осмислена да користи фрази што се разбирливи за гледачите од кое било јазично подрачје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Словенечкиот уметник со светско реноме Дарко Брлек доаѓа на 59-тото „Охридско лето“
-
„Охридско лето“: Поради спецификата на претставата што се играше пред самата сцена на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено, и тоа го најавивме
-
Слаба посетеност на затворањето на „Охридско лето“
-
„Илијада“ во копродукција на СНГ, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија вечерва го затвора „Охридско лето“