Шота Арвелаѕе доживеа низа непријатности за тридневниот престој во Скопје, а на неговиот тим Трабзонспор му се случи невидена серија од гафови. Прво капитенот и икона на клубот Онур Киврак бесен си замина од Скопје, а дел од играчите на тренинг спречиле и физичка пресметка со спортскиот директор на клубот. Потоа токму тренерот Арвелаѕе си поднесе оставка, па го вратија да го предводи Трабзонспор против Работнички, а турскиот тим со вредност од над 100 милиони евра, или десеткратно повеќе од нашиот претставник загуби со 0-1. И за крај на скопското патешествие на турскиот клуб во гардеробата по мечот се степаа Демир и Констант.
И сепак тренерот со оставката в џеб, Арвелаѕе, е сигурен дека Трабзонспор ќе мине понатаму.
– Мислам дека нема потреба за паника. Верувам дека на реваншот ќе победиме и ќе одиме понатаму во Европа – рече Арвелаѕе на прес-конференцијата по мечот.
Домашниот тренер, Игор Ангеловски, мирно му одговори и го спушти малку на земја гостинскиот тренер.
– Добро, нека победат, ако Арвелаѕе смета така. Нека биде 2-1 за нив во реваншот. Ни одговара таков резултат. Трабзонспор ќе победи, а Работнички ќе оди понатаму. Без разлика на сè, горд сум што работам со овие момци. Уште не сме свесни каков резултат направивме. Трабзон сè уште е фаворит, но ние ќе го дадеме и последниот атом од себе да дојдеме до посакуваниот успех. Ако некој ни понудеше 1-0 пред натпреварот ќе прифатевме со две раце, но ако сега добро го погледнеме мечот може и да жалиме и за шансите на Илијоски и на Анене. Но, знам дека тие најмногу посакуваат да постигнат уште некој гол – изјави Ангеловски.
Реваншот е за една седмица во Турција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.