| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Лозово да го поддржи Цветковски

груевски во лозовоПремиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митинг вечерва во Лозово ги повика граѓаните од општината да го поддржат кандидатот за градоначалник од коалицијата „За подобра Македонија“ Орце Цветковски во вториот изборен круг. Кандидатот и актуелен градоначалник на Лозово со доаѓањето на власт наследил блокирани сметки во општината и долг од 14 милиони денари.

– Имаше исклучително тежок мандат, но се бореше, работеше, создаваше, правеше од ништо нешто за да ја извлече општината и заедно со Владата нешто да се направи и за Лозово. Никогаш да не дозволиме повторно да имаме градоначалник кој ќе ја заглави општината, ќе ја блокира со огромни долгови и ќе ја остави на некој друг, подвлече Груевски.

Тој се осврна и на проблемот со агрокомбинатот „Џумајлија“ и рече дека против сопственикот тече истрага за направен криминал.

– Економскиот тим на Владата веднаш почна со работа што побрзо да заврши агонијата бидејќи луѓето што работеа таму чувствуваа агонија и бараа побрзо да заврши постапката. Сакам да ве убедам, брзаме колку што можеме, максимално, но има законски процедури кои мора да се почитуваат, додаде Груевски.

За помош на жителите тој истакна дека бил распишан јавен оглас за концесија на државно земјиште за кој имало многу заинтересирани.

– Во фаза сме  на преговори со голема меѓународна компанија каква што нема во Македонија, а можеби и во целиот Балкан, која достави понуда за вработување на минимум 2.000 луѓе во период од три години и оти ќе инвестира најмалку 200 милиони евра. Ќе инвестира во набавка на 20.000 крави, изградба на фабрика за сточна храна и млекара. Има план од Македонија да ја покрива цела Европа, информира Груевски.

Потсетувајќи на на тоа што во својот мандат, како што рече домаќински, го сработил Цветковски, со што ја ставил општината на здрави нозе – Груевски најави изградба на индустриска зона во општината, изградба на канализација и на монтажно училиште во Каратманово, реконструкција на училишта во Лозово и село Дорфулија, изградба на фудбалско игралиште во Лозово… Предвидено е и изградба на пречистителна станица за вода од хидросистемот „Злетовица“  и цевковод за населените места Лозово и Дорфулија, Каратманово и Милино.

Ќе бидат поддржани и инвеститорите во индустриската зона Лозово, за кои е предвидено процентуално ослобододување од надоместоците за комуналии во зависност од бројот на вработувања.

Зборувајќи за поддршката во земјоделството, Груевски посочи на субвенциите за земјоделците кои не ги добивале никогаш од СДСМ, освен во 2006 година кога, како што рече, им дал едвај 5 милиони евра.

Кандидатот Цветковски ја побара поддршката и од оние што во првиот изборен круг гласале за независните кандидати.Вети дека и во иднина ќе се залага за подобри услови за живот и спречување на миграцијата село – град, нагласувајќи дека има програма во која се содржани решенија за сите проблеми на жителите во оваа општина.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top