| четврток, 6 декември 2018 |

Aлармантно: Делови од Македонија во портокалова фаза

Охридско–преспанскиот и јужно-вардарскиот регион утре ќе бидат зафатени со температури од портокалова фаза, а останатите региони со температури од жолта, односно алертна фаза, соопшти денеска Министерството за здравство повикувајќи се на најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи.

Во двата  региона што ќе бидат во портокалова фаза се предвидуваат температури повисоки од вообичаените за овој период од годината.
Од Министерството за здравство соопштуваат дека продолжуваат да важат донесените препораки за ослободување од работни обврски на бремени жени и хронично болни лица на возраст над 60 години, како и препораките да се избегнува вршење градежни активности на отворено во периодот од 12 до 17 часот.Покрај овие препораки, во регионите кои утре ќе бидат зафатени со портокалова фаза (Охрид, Струга, Дебар, Ресен, Штип, Радовиш, Кавадарци, Демир Капија, Струмица, Гевгелија) Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Во тој период особено се препорачува децата од градинките да не се изнесуваат на отворено и да не се практикува физичка активност.

За населението од целата територија на државата и понатаму важат општите препораки за заштита од високите температури, согласно Акцискиот план за заштита од топлотни бранови:  Во тек на екстремно топли денови, се препорачува престој во затворени климатизирани простории, а при неопходен престој на отворено, да се овозможат почести одмори под сенка. Треба да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце и заштитни очила и капа. При сончање се препорачува да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна, да се внесуваат големи количества течности (најдобро обична вода за пиење),  а да се избегнуваат алкохолните пијалаци, при влегување во возило, потребно е одреден период да се проветри возилото.

Со цел заштита на здравјето на ранливите групи на население, се препорачува хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

– Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употреба да се загрее на + 100 степени). Се препорачува да се избегнува консумирање производи кои не се термички обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.
Министерството за здравство информира дека во тек на летниот период, во сите градови низ државата се поставени пунктови за превентивни препораки и совети за заштита од високите температури. Пунктовите функционираат секој ден во периодот од 18:30 до 21:30 часот. На пунктовите се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top