| четврток, 6 декември 2018 |

Амбициозно, најавени 1,26 милијардa евра за енергетски развој

Планираните проекти опфаќаат пуштање во употреба на ХЕЦ „Бошков мост“, изградба на ветерната електрана во Богданци, на ХЕЦ „Чебрен“, „Луково Поле“ и на уште две термоелектрани топлани, на далекуводите Македонија-Србија и Македонија-Албанија, реконфигурација на далнововди, гасификација...

dalnovodi

Вложување вкупно 1,26 милијардa евра за изградба и ревитализација на инфраструктурни објекти во електроенергетскиот сектор, секторот на природен гас, топлинска енергија, нафта и нафтени деривати со точно дефинирани суми и рокови за реализација, се предвидува со програмата за спроведување на Стратегијата за развој на енергетиката во периодот 2013-2017 година.

– Програмата за реализација на стратегијата има цел да ги предвиди и пресретне сите потреби на македонскиот енергетски сектор и да создаде соодветни услови за економски раст – најави министерот за економија Ваљон Сараќини на денешната промоција.

Планираните проекти опфаќаат пуштање во употреба на ХЕЦ „Бошков мост“, изградба на ветерната електрана во Богданци, на ХЕЦ „Чебрен“, „Луково Поле“ и на уште две термоелектрани топлани, на далекуводите Македонија-Србија и Македонија-Албанија, реконфигурација на далнововди, гасификација…

Според Сараќини, 467 милиони евра ќе бидат потребни за реализирање на проектите преку АД ЕЛЕМ, 400 милиони за проектите по принципот јавно- приватно партнерство, 160 милиони евра за проектите што ќе ги спроведуваат приватните инвеститори и 110 милиони евра за проектите на МЕПСО.

Државата ќе одвои 60 милиони евра за гасоводниот систем, а дополнителни 15 милиони евра ќе обезбеди локалната самоуправа.

Инвестирањето во енергетиката е клучно особено зашто Македонија е зависна од увоз. Како што нагласија академиците Глигор Канвече и Абдулменаф Беџети, поздравувајќи го донесувањето на програмата, изминатиот период вложувања во овој сектор речиси воопшто немаше, но последниве години не е така. Евидентни се бројни активности иако и тоа не е доволно. За да се сменат состојбите, потенцираа, неопходно е инвестирање од најмалку една деценија.

– Програмата ќе овозможи генерирање нови работни места и значително ќе придонесе во делот на енергетската ефикасност – рече професорот Беџети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top