| четврток, 6 декември 2018 |

Анастасиадис: Ако островот се обедини новото име ќе биде Соединети кипарски држави

Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис во интервју за турскиот весник „Сабах“ изјави дека се надева, доколку островот се обедини, дека неговото ново име ќе биде Соединети кипарски држави, информира весникот „Сајпрус мејл“.

Анастасиадис кажа дека, како тој, така и неговиот кипарски турски колега, Мустафа Аканџа, имаат идентична визија за решавање на проблемот и за првпат има толку надеж дека тоа може и да се случи.

-Се зборуваше дека името, кое го разгледуваме со Аканџа, е Обединета кипарска федерација. Тоа не е точно. Името, за кое од се срце се надевам дека ќе биде, е Соединети кипарски држави, рече Анастасиадис, цитиран од весникот.

„Важно е дека и двајцата имаме идентична визија (…) Сакаме да постигнеме договор, земајќи ги предвид нашите взаемни стравувања“, додаде кипарскиот претседател.

-Преговорите се одржуваат во позитивна атмосфера, а најтешките прашања се сопственоста и територијата. За некои теми веќе е постигната согласност, а за други се уште не, рече уште Анастасиадис.

Кипар е поделен од 1974 година, кога Турција го окупира северниот дел од островот, по државниот преврат на кипарските грчки националисти.

Во 1983 година беше прогласена Севернокипарската турска република, која досега е призната единствено од Анкара.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top