| четврток, 6 декември 2018 |

Клучниот сведок за убиството на Литвиненко нема да сведочи во Лондон

Дмитри Ковтун, клучниот сведок во британската јавна истрага, за убиството на Александар Литвиненко, руски дисидент и поранешен разузнавач, нема да се појави како сведок, иако претходно самиот се понуди да сведочи.

Alexander_Litvinenko

Во изјава за Би-Би-Си, Ковтун во Москва рече дека нема да сведочи затоа што досега не добил согласност од руските власти да се вклучи во британската истрага.

Британските власти ги сомничат Ковтун и Андреј Луговој дека му ставиле радиоактивен Полониум 210 во чајот на Литвиненко, за време на нивната средба во Лондон, при крајот на октомври 2006 година, во кафулето на еден лондонски хотел.

Веднаш по средбата, Русинот и се пожалил на сопругата дека не му е добро, отривајќи дека чајот што го испил со некогашните другари од службата, бил со „чуден вкус“.

Неговата здравствена состојба постојано се влошуваше, па тој по три дена од средбата, беше пренесен во болница, каде почина од силната реакција на радиоактивниот изотоп, на 22 ноември 2006 година.

Лекарите на кои им требаше време да сфатат од што „боледува“ Литвиненко, подоцна изјавија дека во неговото тело се случила „мала атомска експлозија“.

Андреј Луговој во мај 2007 година, од британското Обвинителство беше формално обвннет дека го отрул Литвиненко, но руските власти одбија да го екстрадираат. Тој подоцна стана пратеник во руската Дума и уште поенергично ги отфрли сите обвинувања од Лондон, префрлајќи ја вината на Британците и тврдејќи дека убиениот Русинец работел за британската тајна служба.

Дмитри Ковтун остана само осомничен како соучесник, но тој пред неколку месеци се понуди да сведочи во јавната истрага за смрта на Литвиненко, за да, како што твреше „ја исчисти сликата за себе„ како соучесник во еден криминален случај.Тој и порано и сега тврди дека нема никаква врска со труењето.

Александар Литвиненко (43) е поранешен оперативец на руската ФСБ (наследник на некогашното КГБ) кој работел со Луговој и Ковтун, но подоцна, со своето семејство, побегна од Русија и се насели во Лондон.Во Британија Литвиненко стана остар критичар на политиката на претседателот Владимир Путин и се претвори во политички дисидент.

Неговата сопруга, на почетокот од јавната истрага, призна првпат, дека Литвиненко работел, прво кај сега починатиот Борис Березовски, најгласниот критичар на Путин во странство, а дека подоцна им помагал на британските разузнавачки агенции и на Шпанија.Според нејиното толкување, станувало збор за истрагата за дејствувањето на руските криминални групи на британска и шпанска почва.
Сопругата на Литвиненко меѓутоа остана на уверувањето дека нејзиниот сопруг е убиен „по налог на Кремљ“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top