| четврток, 6 декември 2018 |

Кастинзи за играниот филм „Златна петорка“ на Горан Тренчовски

Долгометражниот игран филм под работен наслов „Златна петорка“ поддржан од Агенцијата за филм на РМ влегува во фаза на продукција.

Сценариото е работено по драмски и прозни мотиви на Братислав Ташковски, продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, сценограф е Кирил Спасески, а филмот треба да го монтира Андрија Зафрановиќ. Филмот е во продукција на „Револушн“ – Скопје, копродуцент е Македонската телевизија, а помагатели на проектот се Општина Струмица, Радовиш, Василево, Босилово и Ново село.

Кастингот за одредени улоги и за статисти за играниот филм под работен наслов „Златна петорка“ ќе се прави на 28 јули (вторник) во Домот на АРМ во Струмица и на 31 јули (петок) во „Вардар филм“ во Скопје. 

Главен помагател и партнер на филмската продукција е Општина Струмица со сите ресурси со кои располага и институции што се во надлежност на органите на локалната самоуправа. Филмот го поддржуваат и приватни фирми и субјекти од струмичкиот регион.

Играниот филм под работен наслов „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски е замислен како фикција за една прекината и за една почната љубов, меѓу кои лебдеат копнежот и предавството. Во филмската приказна нè водат протагонисти, кои речиси цел живот бегаат од апсурдните гревови на минатото. Сѐ додека еден преживеан сведок не отпрета некои нови траги, кои наведуваат на досието од 1951 година, при што е ликвидирана група студенти од Струмица.

Снимањето на филмот под работен наслов „Златна петорка“ ќе почне во втората половина на септември. Филмот се очекува да биде завршен за киноприкажување напролет со премиера на некој од светските филмски фестивали.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top