Долгометражниот игран филм „Банат“ во режија на Адријано Валерио, копродукција меѓу Италија, Македонија, Романија и Бугарија, ќе биде прикажан во натпреварувачката програма „Недела на критиката“ на Венецискиот филмски фестивал.
Продуцентот на филмот од македонска страна Димитар Николов изјави дека е голема чест што македонска копродукција е селектирана на фестивалот во Венеција.
– Задоволството е уште поголемо ако се знае дека само неколку филмови со македонски предзнак доживеале премиера на овој фестивал. И овој филм е доказ дека во Македонија има подготвеност за снимање квалитетни копродукции кои добиваат признанија и од најважните филмски фестивали во светот. Драго ми е што се работи за прва заедничка продукција на Италија, Македонија, Романија, и Бугарија, како и дека сцените снимени во Македонија се некои од клучните за атмосферата во филмот. Се надевам и дека „Банат“ ќе биде иницијатор за нови копродукции меѓу Македонија и Италија, како и дека премиерата во Венеција ќе значи и промоција на Битола и околината, како филмска локација и филмски град, изјави Николов.
Режисерот Адриано Валерио за македонските медиуми изјави дека е голема привилегија што неговиот прв долгометражен филм ќе се претстави на таков престижен фестивал.
– Само пет месеци поминаа од почетокот на претпродукција а писмената покана од Венецискиот филмски фестивал пристигна. Тоа е многу кратко време за игран филм и објаснува каква неверојатна авантура бил. Поминавме многу различни места и земји и посебно сум благодарен кон мојата екипа и сите кои го поддржаа овој проект. Во Македонија баравме локации и статисти кои би можеле да одговорат на руралниот, но и по малку визионерски амбиент на приказната. И многу сум задоволен од резултатот на нашите истражувања, изјави Валерио.
Филмот оваа пролет две недели се снимаше во Битола и во околните села Рибарци и Буково, како и во околината на преспанското село Дупени. Покрај во Македонија, дел од снимањето се работеше и во Романија, Бугарија и во италијанскиот град Бари и неговата околина.
Во екипата на филмот има голем број учесници од Македонија меѓу кои и директорот на фотрографија Роберт Јанкуловски. Главните улоги ги толкуваат младите италијански актери Едуардо Габриелини (добитник на наградата „Пасинети“ на Венецискиот филмски фестивал) и Елена Радоничиќ, која потекнува од Црна Гора.
„Банат“ е приказна за дилемите и конфликтите со кои двајца млади и заљубени луѓе се соочуваат во потрагата по подобар живот во свет кој се менува и глобализира. Филмот е еден вид метафора на нова Европа и на малиот човек во неа, краток трагикомичен фељтон за потрагата по подобар живот на луѓе од Европа кои не можат да ја најдат иднината во својата земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
„Младешка осаменост“ – хибридниот документарец на Клер Симон во кината низ Македонија
-
Детскиот филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ во кината низ Македонија
-
„Македокс“: Зимска реприза на филмот „Над возможното“ во кино Култура



