За многумина тоа е врвот на кичот, невкусот и лошата музика, но бројките на гледаност покажуваат нешто сосем спротивно. „Ѕвездите на Гранд“ со месеци го држеше приматот на најгледана музичка емисија, барем во Македонија, иако во исто време се емитуваа неколку слични натпревари за талент.
Најважно е тоа што за Филип Божиновски и за Ален Хасановиќ дозна целиот регион. За само десет месеци македонските натпреварувачи го постигнаа тоа што го сонуваа, добија слава, промоција и големо „браво“ од македонската публика, нешто што реално никогаш немаше да го добијат ако тргнеа по оној „регуларен“ пат на градење кариера.
И двајцата потпишаа договор со „Гранд“, продукција за која велат дека се сигурни оти нема да ги остави на милост и немилост на балканската естрада.
Од неколку илјади пријавени кандидати, Божиновски и Хасановиќ во суперфиналето пееја пред 12-илјадна публика, успех кој го заокружија со освојувањето на третото, односно четвртото место.
– За мене ова е огромен успех, освоено трето место. Ова е еден убав почеток и се надевам дека моите успеси допрва доаѓаат – изјави Филип по шоуто заблагодарувајќи ѝ се на Македонија што го бодреше во изминатите месеци.
Најавувајќи дека наскоро ќе има нова песна, и Хасановиќ не заборави да ја поздрави публиката.
– За мене најголема победа е тоа што сите пеевте со мене во еден глас – вели тој.
Сепак, и двајцата се свесни дека популарноста што ја стекнаа за време на шоуто мора да се одржи и по неговото завршување.
– Продукцијата со секој настап ни овозможуваше да покажеме што можеме и што умееме. Сите настапи ни беа точно како што сакаме. За тоа бескрајно сме им благодарни. Но, сега таа популарност ќе мора да се искористи – вели Божиновски.
– Ни се смени животот на двајцата, и мене и на Филип сигурно. Мене уште од првата „Као моја мати“, која ми остави печат на почетокот на мојата кариера, ако смеам така да ја наречам – вели Хасановиќ.
До пред десет месеци Филип и Ален беа само обични момчиња кои посакуваа да го работат она што најмногу го сакаат и знаат – музиката.
Другарите од училишните клупи на Средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, кои мака мачеа по предметот хармонија, сега на секој чекор ги застануваат за да ги поздрават, да им кажат дека навиваат, дека се горди поради нив.
– Многу значи поддршката од публиката, особено од домашната. Мене ми е мило за секој што ќе ме застане на улица, што ќе побара автограм од мене или да се слика со мене. Порано тоа го немаше. Искрено ми годи тоа – вели Божиновски.
– Морам да признаам дека и мене ми годи. Ме застануваат и дечиња и постари да се сликаат со мене, што ми е многу драго. Тоа е еден голем знак и еден голем почеток за нас. Тоа е знак дека луѓето нè сакаат, гледаат нешто во нас, нешто позитивно и се надевам дека така ќе остане – смета Хасановиќ.
Хасановиќ вели дека имаше и негативни коментари, но дека му е драго што повеќето беа позитивни.
– Секој човек треба да сфати дека во животот не може секој да те сака, секогаш ќе постојат така да ги кажам „хејтери“, но драго ми е што 90 отсто се тие што нè сакаат – вели тој.
И двајцата се свесни што значи да се има продукција зад себе.
– Да се има таква продукција зад себе значи многу затоа што тие веќе се докажани во својата работа и постојат десет години. Кажав многу пати дека „Гранд“ е единствената продукција што стои зад кандидатите по шоуто и се грижи за нивната кариера, за нивниот успех – вели Хасановиќ.
– Сите 12 финалисти потпишавме договор, а кога веќе сме потпишале таков договор, значи по шоуто сме подготвени за работа, нови песни, снимања, видеа, настапи… Не треба да се застане по шоуто, треба да се продолжи да се работи за да се постигне уште поголем успех – вели Божиновски.
Покрај тоа што се претставија пред регионот, имаа можност постојано да се во контакт со успешни музички имиња, повеќето дел од жирито на шоуто.
– Жирито беше супер, ни кажуваа совети, што и како треба да пееме, што е добро, лошо. Ќе го издвојам Кеба, како многу сестран човек што знае да ти укаже на изгледот, пеењето, песната. Исто и Шабан Шаулиќ. Морам да го спомнам директорот Саша Поповиќ, кој секогаш беше со нас да нè утеши, да ни даде храброст да излеземе на сцена – раскажува Божиновски.
– Пред секој настап Саша доаѓаше кај нас и ни велеше: „Ајде, немојте да се срамите. Ова е тоа што го сонувавте и борете се за тоа. Само со упорност можете да успеете“. И во право е. Тој е човек што е докажан во својата работа и се покажа дека сè што кажа е вистина – дополнува Ален.
И двајцата се изненадиле колку жирито знае стари македонски песни.
– Повеќе и од мене. Во една емисија кога на Лепа Брена ѝ поставија предизвик една стара македонска песна, Саша Поповиќ ѝ рече: „Ajде, Македонецот ќе ти ја каже ако не ја знаеш“, а јас не ја знаев песната. Тоа беше многу стара песна, која јас не ја знаев, меѓутоа Брена ја знаеше. Многу ми е драго што ја знаат нашата музика – вели Хасановиќ.
Но, за разлика од Кеба, и од Шабан и од останатите, кои пред настап гласот го отпуштаат со некоја чашка, ни Филип ни Ален немаат навика за голтка ракија пред настап.
– Пред настап никако бидејќи имам некоја трема и желудникот ми е во лоша состојба, така што ако се напијам алкохол, ќе биде уште полошо. Пред настап само вода – се смее Филип.
– Јас речиси не пијам алкохол, ни капка, ете не го сакам алкохолот – вели Ален.
Иако не го добија станот во Белград наменет за победникот, ниту, пак, автомобилот кој ќе го вози второпласираниот, според договорот „Гранд“ ќе се грижи за нив во следните девет години, што донекаде е гаранција дека нема да завршат како останатите млади таленти, кои некогаш сме ги бодреле како музичари, а денес работат како угостители.
Пишува: Марина Костовска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 150. број на неделникот „Република“, 17.07.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.