Работнички остана единствениот македонски тим на евросцената и ќе игра во третото квалификациско коло за настап во Европа Лигата на УЕФА против турскиот клуб Трабзонспор, по триумфот над Јелгава со 2-0.
Во реваншот во Скопје, вечерва, популарните „романтичари“ експресно за 15-на минути ја нокаутираа Јелгава со два гола и победија со 2-0, доволно да ја анулираат негативата од 0-1 од првиот меч во Летонија.
Баже Илијоски погоди во петтата минута по асистенцијата на Мите Цикарски, а Суад Сахити 10 минути подоцна беше прецизен за посакуваната предност од 2-0 и пласман во третото квалификациско коло.
Во продолжението „романтичарите“ умешно ја чуваа предноста што им го носи двомечот со Трабзонспор.
Интересно е што и во претходното коло, Работнички по ист рецепт ја елиминира Флора од Естонија. Балтикот е покорен од македонскиот европски мохиканец по идентичен концепт со пораз на гости од 0-1 и победа дома од 2-0.
Во следното коло Работнички ќе му биде домаќин на Трабзонспор на 30. јули, а реваншот е една седмица подоцна во Турција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.