„Циркус Адрија“. До пред некое време мислев дека тоа е израз за некој кога ќе направи некоја глупост, некоја смешка, кога некој се глупира… Сѐ до неодамна, кога по улиците чув најава дека во Скопје доаѓа нов циркус. И се сретнав со еден од сопствениците, кој ми ја раскажа приказната за својот циркус и тоа ме натера да побарам на интернет за „Циркус Адрија“. Се изненадив кога видов дека, навистина, постоел таков циркус бидејќи за мене и за моето детство поим за циркус беше „Медрано“, кој веќе не постои. Пребарувајќи по сопствената меморија, дојдов до заклучок дека изразот „Циркус Адрија“ ми е врежан од минатото, дека возрасните, кои го користеле, навистина, биле во тој циркус бидејќи според податоците тој гостувал во Скопје во шеесеттите години на минатиот век.

Александар Балкански бил во Скопје за време на земјотресот
Циркусот „Балкански“ од минатата недела гостува во Македонија, во Скопје, и токму од главниот град на Македонија ја почнува новата сезона во 2013 година. Возрасниот Александар Балкански, еден од тројцата сопственици на циркусот „Балкански“, по пауза од 60 години повторно доаѓа во Скопје и со себе носи необична и многу убава приказна. Приказна, која, едноставно, се „лепи“ за уво и не ве остава рамнодушни.
– Не сум првпат во Македонија. Првиот пат бев во 1963 година, кога тоа не беше Македонија, туку беше дел од една поранешна држава Југославија, која веќе не постои. Пријатно сум изненаден од тоа што го гледам сега во Македонија. Вашата земја станала многу убава и затоа ние решивме да дојдеме тука – ја почнува својата приказна стариот Балкански.
Тогаш момче, но како дел од друг циркус, Балкански дошол во Скопје летото 1963 година. Иако првпат пристигнал, градот веднаш му се допаднал, а тоа што подоцна следувало, не го очекувал ниту во најлудиот сон.
– Тоа лето, 1963 година, неколку дена пред земјотресот, со циркусот пристигнавме во Скопје. Сега не можам да се ориентирам точно каде беше сместен циркусот бидејќи во меѓувреме Скопје станал модерен и убав град колку што можам да забележам овие неколку дена откога сме тука – почнува да се присетува Балкански.
Откако со стариот циркус веќе се сместиле, почнале да даваат претстави, кои биле одлично посетени.

– Тој јули, веќе три дена по ред имавме претстави во Скопје со циркусот. Посетеноста беше одлична. На четвртиот ден, во 20 минути до пет часот се случи земјотресот. Такво нешто дотогаш не бев ниту видел, ниту почувствувал во својот живот. Сите излеговме надвор, уште беше темница. Одеднаш се слушаа само пискотници на луѓето, вресоци по улиците…Снема струја. Беше многу страшно. Откако сонцето изгреа видовме неверојатна глетка – Скопје беше на земја! Разурнато! Тоа беше многу тажно – раскажува видно вознемирен Балкански, како повторно да ги преживува истите чувства што ги имал тој кобен 26 јули, кога на Скопје му се случи катастрофалниот земјотрес. Никој од циркусот не мислел дека е можно да им се случи вакво нешто. За среќа, никој од нивната група не бил повреден. Но, тоа што го виделе и доживеале, не ги оставило рамнодушни.
– Сите се организиравме. Шаторот на циркусот го претворивме во мала, импровизирана амбуланта. Тука дојдоа докторите, тука се правеа преврски на настраданите во земјотресот, им се укажуваше прва помош. Ние бевме 120 луѓе во циркусот и одевме и им помагавме на настраданите, колку што можевме… – вели Балкански.

Циркусот „Балкански“ сака да урива рекорди во Скопје
Циркусот „Балкански“, кој во следниот период е во Скопје, е од Бугарија и има 80 членови. Има артисти од Бугарија, Русија, Украина, Унгарија, Италија, Германија и од Парагвај. „Балкански“ е прв циркус по големина на Балканот и има една од најдобрите програми во Европа.
– Се надевам дека ќе постигнеме светски рекорд по гледаност и тоа токму во Скопје. Верувам дека македонските граѓани ќе бидат заслужни за тоа.
Артистите од Парагвај се главната атракција на циркусот. Тоа е „глобусот на смртта“. Во глобусот има тројца мотоциклисти, кои ги возат своите мотоцикли внатре. Тука, во Скопје ќе се обидат да го соборат светскиот рекорд и седуммина да возат внатре, во металниот глобус. Втората атракција е „лулашката на смртта“.

– Во таа точка настапуваат мојот син Николај и неговата сопруга. Програмата е многу интересна. Во нашиот циркус нема слонови, лавови, туку кај нас гостува атракцијата „Индијана Џонс“ со крокодили, змии – питон, боа, анаконда, потоа неколку вида алигатори, пајаци и скорпии. Станува збор за многу интересен човек, каков што досега не е виден во Македонија – ја раскажува програмата Балкански.
Конфор во циркусот како во театар
Циркусот „Балкански“ првпат доаѓа во Македонија. Најголем е на Балканот, а втор во Европа. Сопственик е Александар Балкански, артистички директор е неговиот син Николај и вториот син Сашко е третиот сопственик.
– Ние имаме убав циркуски шатор, кој нуди аристократски конфор. Тоа го нема ниту еден циркус во Европа. Имаме капацитет од 2.300 седишта. Со тоа сакаме да им покажеме на македонските гледачи дека нашиот циркус е на ниво на театар – вели Балкански.
Надворешниот дел од шаторот е правен во Италија, по замисла на Балкански, а внатрешниот дел е правен во Бугарија.
Циркусот е познат во целиот свет, има гостувано и кај римски папа. Има 20 точки, програмата трае околу два часа, со пауза од дваесетина минути. Има забавен парк пред циркусот, потоа бар, игротека, вовче…
Шеста генерација циркусанти
Александар Балкански потекнува од семејство, кое шест генерации наназад се занимава со циркус. Неговата мајка Лола Орландо Малеволти потекнува од циркуско семејство. Во 1820 година неговиот прадедо го основа циркусот „Џинитини“ во Италија. Во 1879 година тој формирал циркуси во Москва и во Самара, подоцна преименуван во циркус „Вирџинија“. Циркусот подоцна бил национализиран во 1916 година, а семејството се преселило од Одеса во Италија. Нивна прва станица била во Варна и решиле таму да се стационираат.
Во 1920 година нивниот чичко, кловнот Чарли го формира третиот циркус во семејството под името „Рекс“, кој подоцна бил преименуван во „Левски“. До крајот на Втората светска војна циркусот работел низ цела Европа. Потоа, во 1948 година циркусот повторно бил национализиран и семејството и членовите на циркусот беа државни артисти сѐ до 1989 година.

Балкански, почесен граѓанин на Скопје?
– Балкански е главен потписник за собирање средства за изградба на Универзалната сала во Скопје, која е бугарска донација по земјотресот. Со оглед на тоа дека тој со тогашниот циркус со кој гостувал во Скопје за време на земјотресот помогнал многу, посебно во спасувањето на повредените, размислуваме да го прогласиме за почесен граѓанин на Скопје – рече Ратко Ристовски, директор на фирмата што го увезува циркусот.
Кога не сакајќи, оваа информација му ја соопштивме на Балкански во нашиот разговор, тој беше многу изненаден.
– Првпат слушам од вас за ова. Верувајте дека ќе се радувам и ќе бидам горд ако вашите граѓани ме изберат за почесен граѓанин на овој град на солидарноста – рече Балкански.
Пишува: Александра Мазнева Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


