| четврток, 6 декември 2018 |

В четврток во Собранието почнува расправата по ребалансот на буџетот

реб

Расправата по предложениот ребаланс на Буџетот за 2015 година, што Владата го усвои во петокот, во Собранието ќе почне на 23 јули годинава. В четврток е закажана седница на матичната Комисија за финансирање и буџет на која на дневен ред е Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2015 година. По предложениот ребаланс од четврток ќе се расправа и во Законодавно-правната комисија.

Целта со предложениот ребаланс е да се обезбеди засилена развојна компонента и задржување на социјалната стабилност. Причина за ребаланост на буџетот се вишокот средства од над 10 милијарди денари на приходната страна во првите шест месеци од годинава во однос на претходната година.

– Ребалансот не вклучува кратење на буџетите на ни еден  буџетски корисник, туку претставува поместување  на одредени позиции таму каде поради одредени политики, мерки и активности треба да се додадат средства или каде проектите се одвиваат подобро од што првично се планирале. Појдовните претпоставки за изработка на ребалансот вклучуваат и ревидирање на проекциите за БДП и за движењето на приходната и расходната страна- рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по усвојувањето на ребалансот од страна на Владата.

БДП за 2015 година е ревидиран на 3,5 процентен раст, а буџетскиот дефицит ќе изнесува 3,6 проценти од БДП.

Буџетот во првата половина од годинава е во добра кондиција. Приходите се повисоки за околу 14 отсто во однос на тој период 2014 година, а во однос на планираните за 6 отсто.

Се издвојуваат дополнителни 1,2 милијарди денари за повеќе проекти. Дополнителни 370 милиони денари се предвидени за забрзување на изградбата на гасоводот Клечовце – Штип. Дополнителни 377 милиони денари се планирани за изгрдба на водоводи и канализации. Нови 220 милиони денари за изгрдба на училишта и спортски сали во училиштата. Дополнителни средства ќе има и за реновирањето на студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Предвидени се се средства за зголемување на студентските стипендии, социјалната помош, како и за најавеното зголемување на пензиите во октомври.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top