Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на прес-конференција во Владата го образложи предлогот за ребаланс на буџетот за 2018. година доставен до Собранието. Тој рече дека главната причина за ребалансот е евентуалната одлука за предвремени парламентарни избори, која би ја оневозможила постапката за прекројување на државната каса.
Како што рече Тевдовски, со парите од ребалансот финансиски ќе се поддржат општините во државата, Агенцијата за вработување, Фондот за здравствено осигурување и ПИОМ. Најголема релокација на средства има кај општините, за подмирување на доспеани, а ненаплатени обврски.
Чуварот на државната каса рече дека со ребалансот се обезбедуваат 198 милиони денари за политичките партии и истражувачките центри, како што тоа е определено со закон.
Тевдовски додаде дека дополнителните средства во здравството се за да се намалат обврските на јавните здравствени установи. Министерот рече дека пензиите ќе бидат навремено и целосно исплаќани, а корекцијата во делот на капиталните инвестиции е поради забавената реализација на проектот за гасификација и откажаниот клинички центар.
Првиот финансиер рече дека хипотетички, доколку се одржат избори, за тоа ќе бидат обезбедени средства и без ребаланс на буџетот, од ставката „функции на државата“. Рече дека веќе работат и на буџетот за следната година и увери дека ќе бидат испочитувани сите рокови.
-Подготвени сме на различни ситуации, дури и со времено финансирање државата ќе ги исплаќа обврските- тврди Тевдовски.
Владата, на вонредна седница вчера го разгледа и усвои Предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2018 година. Со измените и дополнувањата што се предлагаат, извршено е ревидирање на приходната страна на буџетот за 2018 година за незначителни 0,5 отсто надолу, односно за 1 милијарда денари.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 210,5 милијарди денари. Во овие рамки на планирани приходи и расходи, дефицитот е незначително понизок (18,1 наспроти иницијално планираните 18,2 милијарди денари). Притоа, во однос на БДП, буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7 отсто од БДП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.