| четврток, 6 декември 2018 |

Два дена по договорот од Пржино, земјава успеа да обезбеди две странски вложувања

Политичката криза е решена, Македонија се враќа на старите патеки во однос на привлекувањето нови странски инвестиции. Два дена по договорот од Пржино, земјава успеа да обезбеди две странски вложувања. Американската КСС почна да ја гради новата фабрика во зоната во Кичево, Владата го потпиша договорот со Леар, уште една американска инвестиција што ќе креира 2.000 работни места, со можност и за 3.000, пишува „Лидер“.

Американската корпорација Леар и македонската Влада ставија потпис на договорот за една од најголемите инвестиции во земјава. Компанијата која се занимава со производство на навлаки за автомобилски седишта и чиишто делови ги има во речиси сите марки автомобили, во Тетово ќе вложи 15 милиони евра и до 2018-та ќе креира огромен број работни места.

– Станува збор за 3.000 семејства, за 3.000 директни вработувања. Како и во секоја голема корпорација, секогаш кога има многу директни, има и индиректни вработувања, така што сметам дека оваа компанија ќе направи сериозно абсорбирање на неангажираната работна сила од целиот овој регион“ – оценува премиерот Никола Груевски.

Леар во почетокот ќе стартува со работа во погон во Гостивар, а паралелно ќе тече изградбата на новата фабрика и вработувањата на потребниот кадар.

– Нашиот план е да стигнеме од 150 до 200 вработени до крајот на оваа година и 800 до крајот на 2016-та година. Очекуваме во новата фабрика во Тетово да имаме меѓу 1.500 и 2.000 работници, со можност за зголемување на оваа бројка во зависност од условите. Наскоро ќе распишеме оглас за вработување на шивачи и друг технички кадар“ – објаснува потпретседателот на компанијата, Рафаел Гаљарди.

Освен на вработувањата, оваа компанија ќе има сериозен удел во зголемувањето на извозот од земјава и пеглањето на трговскиот биланс.

– Според нашите проекции, за наредните 5 години може да се очекува зголемување од 180 до 190 милиони евра на БДП“ – вели министерот за странски инвестиции Веле Самак.

Компанијата Леар е гигант во светски рамки и е еден од водечките глобални добавувачи на автомобилски седишта и системи за електрична дистрибуција. Целата корпорација брои 132.000 вработени и оперира во 34 земји. На листата на Fortune 500, Леар е рангирана на 177-то место.

Македонија во изминатиов период се претвори во вистинска Мека за компаниите од автомобилскиот сектор. Се зголемува бројот на странски компании кои инвестираат во земјава. „Ки Сејфти Системс“ почна да гради фабрика на над 13.000 квадратни метри во Кичево, во која ќе има работа за илјада луѓе.

Оваа компанија веќе има искуство во земјава, бидејќи подолг период функционира како браунфилд вложување со 70-ина вработени.

– На почетокот на септември ќе воведеме уште 15 производствени линии. До крајот на годинава во план ни е да вработиме 300 луѓе“- вели директорот на КСС за Македонија, Богдан Петрута.

И КСС е глобален играч во оваа дејност. Нивната палета производи и сигурносни системи се користат по повеќе од 300 автомобилски модели. Компанијата има низа производствени капацитети и 5 главни технички центри во САД, Германија, Кина, Јапонија и Јужна Кореја.

– Оваа компанија на глобално ниво вработува над 11 илјади луѓе, а со новите 1.000 работници во Македонија ова ќе биде  втората најголема локација на фабриката во Европа“ – вели директорот на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Ефектот на снежна топка, кога постојните креираат нови инвестиции е веќе постигнат.

– Оваа инвестиција ќе овозможи производство и извоз од Македонија во висина до 100 милиони евра. Со ова, и од аспект на макроекономските резултати ќе го помогне извозот од Македонија, но конкретно за Кичево значи многу, бидејќи КСС ќе биде најголемиот работодавач во поширокиот регион. Веруваме дека оваа компанија ќе привлече и други компании, бидејќи ОДВ Електрик во Охрид дојде поради КСС, исто така и Капкон во Скопје, компанија поврзана во зоната на добавувачите на КСС“ – оценува вицепремиерот Ставрески.

Извозот од слободните економски зони повторно урива рекорди. Последните податоци на Дирекцијата покажуваат дека во првата половина од годинава е зголемен за 31% во однос на лани и веќе надминал 700 милиони евра.

– Компаниите активно работат, се зголемува бројот на нарачките кои ги имаат од партнерите од Европа. Со започнувањето со работа и на другите компании, извозот ќе се зголемува“ – оценува директорот Мизо.

Очекувањата за годинава на полето на странските инвеститори е дека ќе биде рекордна. Лани направивме добра работа, за што стигна потврда и од реномираната „Ернст и Јанг“. Во спроведеното истражување за новоотворени работни места од странски инвеститори, земјава се најде во топ 15 држави и тоа со најголем напредок. Растот изнесува 223%. Од 1.556 работни места кои странците ги креирале во 2013-та година, лани е достигната бројка од 5.020.

За споредба, просечниот раст на новоотворени работни места како резултат на СДИ на ниво на Европа изнесува 12%. Вкупно биле креирани 185.583 работни места.

Во слободната економска зона во Скопје е раздвижено. Финишира изградбата на фабриката на Дијатек, Капкон треба да стартува со пробното производство, Текнохозе ги проширува капацитетите со нови погони. Вистеон, Џонсон Мети, Кемет, Протек и Ван Хол работат турбо. Во штипската зона има две фабрики, на Џонсон Контролс и на германски „Техникал Текстил“. Гентерм се позиционира во Прилеп, ОДВ во охридско – струшкиот регион, финишира изградбата на фабриката на Марквард во индустриската зона во Велес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top