Поранешниот македонски репрезентативец Ѓорѓи Чековски ги почна преговорите со првакот на Косово и на регионалната БИБЛ-лига, Сигал Приштина.
Чековски остана без клуб откако му истече договорот со 14-кратниот шампион на Македонија, Работнички, па со тоа е слободен играч и може да си бара нов клуб.
За услугите на квалитетниот крилен центар се интересираат и неколку домашни клубови. Карпош соколи веќе испрати и понуда за негов ангажман, но истата била пониска од она што косовскиот претставник е подготвен да му го плати на Чековски за преселба во Приштина.
Големиот борец под обрачите во Приштина се смета за играч кој дополнително ќе ги засили редовите на клубот. Овој клуб планира да состави силен ростер и за новата сезона, а Марјан Илиевски, кој е тренер на Сигал Приштина, смета дека токму Чековски може да придонесе во подобрување на играта и значајна цврстина во битката под обрачите.
Преговорите меѓу двете страни се почнати и иако не е постигнат договор, постои оптимизам дека во најскоро време би се нашол заеднички јазик за трансферот да биде комплетиран.
За Сигал Приштина минатата сезона настапуваше македонскиот репрезентативец Бојан Трајковски, кој реши да го напушти косовскиот клуб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.