Македонското малцинство во Албанија бара да им се признае нивната националност и да им биде впишана во документите. Тие се жалат дека имале повеќе права во времето на комунизмот отколку во денешната албанска демократска држава. Македонците од Пустец бараат промена на нивната националност во документите затоа што негирањето на националноста ќе ги доведе до губење на идентитетот.
Претседателот на Македонската алијанса, Едмонд Темелко, кој е градоначалник на општината, вели дека графата за македонската националност не постои во регистарот за цивилен статус, со што се негира и постоењето на ова малцинство. Македонците од Албанија бараат од државата да им одговори на овие барања затоа што им биле одбиени повеќе услуги од Македонија поради недостиг од документ за идентификација на нивната националност.
– Враќањето на графата националност во цивилниот регистар е главна грижа за македонското малцинство во Албанија. Националноста е идентификација на малцинството и претставува гордост која постоеше во времето на комунизмот. Во тоа време во пасошите на жителите на Пустец им пишуваше македонска националност. Лишувањето од националноста е навреда за нашата заедница и затоа правдата ја бараме во Стразбур. Се чувствуваме дискриминирани од Владата на Албанија. Не само што не добиваме повеќе права, туку ги губиме и тие што ги имаме – вели Темелко за албанските медиуми.
Според Темелко, во околината на Пустец, во девет села живеат 5.300 Македонци. Но има Македонци и во други делови на Албанија. Македонците бараат фер попис, во кој секој ќе има право да се изјасни како Македонец и нема да се плаши дека ќе биде казнет од државата со 1.000 долари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


