Се работи за една студена војна која започна неодамна. Како и во секоја, и тука страните си ги мерат силите и го чекаат погрешниот чекор на противникот. Сепак, непријателите во оваа војна не можат едни без други. Се работи за мажите и жените.
Машко-женските односи никогаш не биле позатегнати. Момците и девојките седат на две поделени страни, наоружани со паметни телефони, додека непријателот го одмеруваат под темните очила за сонце.
-Нашите девојки се недостапни и бараат премногу. Имаат високи критериуми и потценувачки став – се жалат момците.
Тука се сложуваат сите од машката страна кои тврдат дека дури и кога ќе се осмелат да и пријдат на некоја девојка, таа дрско ќе ги одбие.
Девојките пак, се жалат дека испраќаат сигнали во празно, а дека момците кои им приоѓаат сепак се премногу агресивни.
И додека топката се подава од една на друга страна, статусот останува непроменет. Никој не крева бело знаме.
Дали денес некој знае што значи флерт? Какво значење има заведувањето? Зошто никој на никого не приоѓа? Во што е проблемот?
Постарите генерации збунето ја набљудуваат младината, забележувајќи еден огромен парадокс – некогаш и покрај помалата слобода и друштвените граници, мажите знаеле како да се додворуваат, а девојките како да испратат вистински сигнал во вистински момент.
Дел од одговорот лежи токму тука – во претераната индивидуалност и егоцентризмот за модерниот човек.
Романтиката си бара време и желба, а се додека се однесуваме како кралеви и кралици, како сонце околу кое се врти целиот свет, ништо не добиваме. Премалку даваме, а очекуваме премногу за возврат.
Се помалку има и безопасен флерт. Оној кој го опишуваме како умствен сексуален однос.
Безопасниот флерт подразбира сексуална заинтересираност која се искажува индиректно, двосмислено, со игра, со многу размислување и хумор.
Сето тоа убаво звучи, но денес се поставува прашањето – како?
Не користете зборови. Мажите не се многу вешти со нив, а и да се, жените ретко веруваат на зборови.
Мажот би требало да биде свесен за својот идентитет, да се освести. Ако не се познаваш себеси, не можеш ни на жената да и пренесеш „со кого си има работа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.