Реализирани се 5.760 посети на стари лица од страна на медицински сестри, 2.880 посети од страна на волонтери, 804 медицински прегледи во Дневниот центар за стари лица и обезбедена е терапија за повеќе од 60 стари лица во домашни услови на месечна основа. Ова се дел од активностите во рамки на проектот „Дневен центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови“ грижа за стари лица на Црвениот крст на Град Скопје.
Активностите вклучуваат и административноправна и социјална поддршка за 928 лица, 12 различни активности на месечна основа во Дневниот центар, 20 стоматолошки прегледи, 720 очни прегледи, 33 пулмолошки прегледи, 12 кардиоваскуларни и 11 поделени ортопедски помагала.
Проектот е финансисран од компанијата ЕВН Македонија, Австрискиот Црвен крст и Град Скопје и преку него на месечна основа се посетуваат повеќе од 120 стари лица во домашни услови од страна на четири медицински сестри и 20 волонтери, а на повеќе од 300 лица им се даваат услуги и во Дневниот центар за стари лица.
Во посета на Дневниот центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови денеска беше генералниот директор на ЕВН Македонија од Австрија, Штефан Петер, кој истакна дека судбината на старите лица не треба да биде запоставена.
– Ние го препознаваме нивниот удел во општеството. ЕВН Македонија има 800.000 корисници меѓу кои има и стари лица. Сметаме дека треба да се помогне на овој социјален слој, додаде Петер.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, Саит Саити изјави дека целта на посетата е увид во работењето на Центарот.
– Се работи за една успешна приказна во редовите на Црвениот крст на Република Македонија и за еден успешен пример односно препознавање на една иницијатива од наша страна, каде покажувајќи амбиции за реализација и остварување на политиките на општествена одговорност, ЕВН веќе трета година по ред ја финансира, рече Саити.
Црвениот крст на Република Македонија и ЕВН Македонија, истакна Саити, веќе петшест години успешно соработуваат, што е уште еден доказ дека добрите иницијативи корпоративниот сектор, во случајов ЕВН компанијата, апсолутно знае да ги препознае, да ги идентификува и да ги поддржи.
– Во врска со Дневниот центар за стари лица станува збор за активност во рамки на која старите лица секојдневно се присутни во Центарот, се организираат разни активности и резултатите се евидентни, додаде Саити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.