Вработување на долгорочно невработените жени над 40 години, обука за негуватели за грижа на стари лица во домашни услови и поттикнување на јавно-приватно партнерство предвидува проектот „Креирање на можноста за нови вработувања на жената“ кој денеска го презентираше Црвениот крст на Македонија заедно со здружението Хуманост, финансиран од ЕУ.
Генералниот секретар на Црвениот крст на РМ Саит Саити информира дека преку овој проект ќе се зголеми интеграцијата на долгорочно неврабортените жени на пазарот на трудот, како и развивање на знаење и вештини на долгорочно невработените жени за обезбедување мобилни социјални услуги за стари лица во нивните домови.
– Постои потреба од натамошно развивање и проширување на програмите за обука за негователи за обезбедување таков вид на услуги во Скопје, но исто така и во останатите општини во внатрешноста на земјата. Согледувајќи ја оваа состојба Црвениот крст на РМ со овој проект ќе овозможи да се зајакнат капацитетите на долгорочно невработени жени, кои се едни од најранливите категории – истакна Саити и појасни дека тие ќе се здобијат со сертификат со кој ќе ја зголемат својата конкурентност на пазарот на трудот.
Сашко Јованов од здружението Хуманост појасни дека од минатата година Здружението веќе ја верифицирале програмата зе нега на стари лица која се имплементира од 2013 година.
– Од 2013 година до сега над 60 лица ја поминаа програма. Таа овозможува четиримесечна едукација со стекнување професионални вештини односно компетенции на лицата коишто ја поминуваат оваа обука. Наша цел е овие лица да се вработат, а поголемиот дел односно над 80 проценти веќе се вработени, истакна Јованов.
Проектот ќе се спроведува до 27 декември 2017 година, а за негова реализација обезбедени се 153 илјади евра, од кој 143 илјади од Европската унија и 10 илјади евра од австрискиот Црвен крст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.