| четврток, 6 декември 2018 |

Унгарците почнале да ја креваат оградата покрај границата со Србија

Унгарија денес ја почнала изградбата на оградата долж својата граница со Србија во обид да ги сопре нелегалните емигранти во обидот да влезат во земјата. Германската канцеларка Ангела Меркел оваа одлука неодамна ја нарече бесмислена.

Десетици илјади емигранти, главно од Блискиот Исток и северна Африка ја користат балканската рута за да стигнат до земјите од ЕУ, минувајќи притоа низ Грција, Македонија и Србија, а потоа во Шенгенската зона без гранични контроли која почнува во Унгарија.

Изведбата на четири метри високата и 175 километри долгата ограда почнала во градот Морахалом, околу 180 километри југоисточно од Будимпешта.

Унгарија од почетокот на годината регистрирала над 70.000 емигранти, во однос на 43.000 колку во земјата влегле во текот на целата мината година.

На повеќето емигранти крајната цел им се побогатите земји од ЕУ, но унгарската влада тврди дека тие држави емигрантите често ги враќаат назад во Унгарија.

Прифаќалиштата во Унгарија и Австрија се преполни, а кон крајот на минатиот месец унгарската полиција употреби солзавец за во прифатен центар во источниот град Дебрецен да раздвои неколку стотици емигранти меѓу кои избила тепачка.

ОН и Советот на Европа ги критикуваа измените во унгарските закони за азил и сметаат дека негативно ќе влијае врз правата на барателите на азил кои таму бараат безбедност и дека ќе ги доведат во уште поголема опасност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top