| четврток, 6 декември 2018 |

„Мој пратеник“: Ахмети и Тачи со најмногу оправдани отсуства од Парламентот

пратеник

Од јануари до јуни оваа година македонскиот Парламент одржал 28 седници, а карактеристично за неговата работа и натаму е отсуството на пратениците од опозицијата.

Од вкупно 28 седници 25 се завршени, а три не се завршени. Шест од нив биле за поставување пратенички прашања.

Во првите шест месеци од годинава Собранието донело 178 закони од кои 102 се од економкската област, 29 од политичкиот систем, а 47 од областа на јавните дејности.

Според 15-тиот број на „Мојот пратеник“ лидерите на двете најголеми партии на Албанците во земјата Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА, кои воедно се и пратеници, имаат најмногу оправдани отсуства од пленарните седници – 28. На оваа листа се и Хазби Лика со 49 отсуства, Ермира Мехемти со 38, Ристо Манчев со 34 и Амди Бајрам со 27 оправдани отстуства.

Листата на пратеници кои немаат отсуство од пленарните седници ја предводи првиот човек на Собранието Трајко Вељаноски, а зад него се Андон Чибишев, Светлана Јакимовска, Силвана Бонева, Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, Роза Топузова Каревска и други.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ (12), Талат Џафери од ДУИ (9) и Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ (8) се пратениците кои поднеле најголем број предлог закони во првото шестмесечие од годинава. Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ поднел шест закони, Олга Најденовска од ВМРО-ДПМНЕ пет и Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ четири.

Најмногу амандмани во истиот период поднела независната пратеничка Роза Топузова Каревска – 88, а зад неа се Рамиз Мерко од ДУИ со 65, независната пратеничка Солза Грчева  и  Ејуп Рустеми од ДУИ со по 56 и Олга Најденоска од ВМРО-ДПМНЕ со 55 амандмани.

Грчева поставила најголем број пратенички прашања на пленарните седници и тоа девет, Благица Арсовска од ВМРО-ДПМНЕ осум, Соња Талевска од ВМРО-ДПМНЕ и независната пратеничка Љубица Буралиева по седум.

Пратеничката Топузова Каревска предничи и на листата на пратеници кои најмногу се имаат јавено за дискусии на пленарните седници, потоа следува Зоран  Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ (32), Ѓорѓи Коџобашиев од ВМРО-ДПМНЕ (25), Олга Најденоска од ВМРО-ДПМНЕ (24), Љупчо Димовски од СП (24) и независната пратеничка Солза Грчева (23). Топузова Каревска исто така е прва на листата на пратеници со најголем број реплики односно контрареплики (71), зад неа се Солза Грчева, Лилјана Поповска од ДОМ и Илија Димовски.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Димовски имал најголем број процедурални интервенции, а зад него е координаторот на пратеничката група на ДУИ Талат Џафери.

Дваесет и тројца пратеници воопшто не дискутирале на пленарните седници, а шеснаесет на седници на работни и други тела на Собранието. Пратеникот Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ имал најголем број дискусии на седници на работни тела на Собранеито, како и Топузова Каревска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top