| четврток, 6 декември 2018 |

Претстава, концерт и филм вечерва на „Скопско лето“

Во рамки на „Скопско лето“, вечерва, 14-ти јули, ќе биде одиграна претставата „Под масата“, ќе се одржи концерт на дуото виолини Фросина Богдановска и Жана Ли и ќе биде прикажан филмот „Продолжи да се смееш“.

Во Театар „Комедија“ вечерва во 22 часот ќе настапи Албански театар-Скопје со претставата „Под масата“ на Роланд Топор во режија на Билге Емин.

Во претставата доминира црн хумор – главниот лик, преведувачката Флоренс Мишалон, поради материјални тешкотии е принудена просторот под својата маса да го изнајми. Меѓу неа и кираџијата Драгомир се раѓа срдечна, недообјаснива љубов…

Во актерската екипа се: Мирлинда Саит, Фисник Зеќири, Илбер Муртези, Зарије Јонузи и Хамди Рашити. Сценограф е Нурула Тунџер, костимограф Марија Пупучевска, композитор Кокан Димушевски, кореограф Кренаре Невзати-Кери.

Во Музеј на Град Скопје во 20.30 часот е концертот на дуото виолини Фросина Богдановска и Жана Ли од Казахстан, и пијанистката Марија Ѓошевска.

Тие ќе изведат композиции од Изаи и Прокофјев.

Во Сули ан (Факултет за ликовни уметности) каде што „Скопско лето“ ја организира програмата „Кафе кино“, во 21 часот ќе биде прикажан филмот „Продолжи да се смееш“ од 2012 година – копродукција меѓу Грузија, Франција и Луксембург, во режија на Русудан Чкониа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top