Возрасните и децата мораат да го намалат количеството на шеќер кое го внесуваат секојдневно и кој е скриен секаде, од соковите до доматниот сос и медот, со цел да се намали ризикот од дебелеење и проблеми со забите, соопшти минатата недела Светската здравствена организација (СЗО).
СЗО издаде насоки според кои количеството на внесен шеќер треба да изнесува помалку од 10 отсто дневно внесување на калориите, околу 50 грама или 12 лажички за возрасните.
– Имаме силни докази дека одржувањето на внесувањето слободен шеќер на помалку од 10 отсто од вкупното внесување на калории го намалува ризикот од прекумерна тежина и проблеми со забите – потенцира доктор Франческо Бранка, директор на Одделот на СЗО за исхрана.
Намалувањето на внесувањето шеќер под пет отсто би било уште подобро решение, сметаат експертите.
Познато е дека белиот шеќер не е добар за забите, но постојат и многу посериозни проблеми кои доаѓаат со неговото консумирање. Постојаното консумирање на шеќер е главна причина за прекумерна телесна тежина, за остеопороза, за послабо функционирање на одбранбениот организам и за појава на кардиоваскуларни заболувања. Губиток на концентрација, депресија, вознемиреност, анксиозност, хиперактивност (посебно кај малите деца) па дури и агресивност и насилно однесување се пореметувања кои се поврзуваат со повеќегодишното консумирање на шеќерот.
Факт е дека шеќерот дава само празни калории и дека не содржи витамини и минерали, кои му помагаат на телото да се одржи во добро здравје.
Белиот шеќер не само што не ги содржи витамините и минералите, туку тој предизвикува и губење на некои од нив. Така на пример, шеќерот предизвикува губиток на хром од организмот, па телото треба овој минерал да го извлекува од своите резерви. Истото се случува и со калциумот, фосфорот и железото. Со консумирање на бел шеќер слабее и контролата на нивото на шеќерот во крвта. Во екстремни случаи може да доведе до развој на дијабетес.
Решение не е ни кафеавиот шеќер бидејќи, иако содржи нешто минерали, тој во организмот се разградува исто како и белиот шеќер. Затоа, се препорачува да се користи само повремено и умерено.
За разлика од белиот шеќер, медот е извонредна храна, која по својот состав во целост одговара на физиолошките потреби на човечкиот организам и во многу случаи може да биде корисна замена за белиот шеќер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.