Република Македонија има речиси три и пол илјади жители повеќе за само една година, потврди денешната објава за природниот прираст на населението во Европа на Европската канцеларија за статистика (Евростат).
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на 1 јануари 2014 година, Македонија имала 2.065.800 жители, додека една година подоцна, односно во јануари годинава, македонската република броела 2.069.200 жители, што е за речиси три и пол илјади лица повеќе или 1,6 промили повеќе од претходно.
Во однос на природната промена нa популацијата во 2014 година, според Евростат, во Македонија се родени 23,6 илјади лица, починати биле 19,7 илјади, што значи дека само во минатата година природниот пораст на македонски жители изнесувал 3.900 лица.
На ниво на Европскаta унија, во јануари оваа година е измерена популација од 508,2 милиони жители, што е за 1,3 милиони лица повеќе во однос на јануари 2014 година, кога во ЕУ имало 506,9 милиони жители. Минатата година, 5,1 милиони бебиња се родени во границите на Унијата, додека 4,9 милиони лица починале. Германија (81,2 милиони жители), Франција (66,4 милиони) и Велика Британија (64,8 милиони) се земјите со најголема популација во ЕУ и заедно тие имаат повеќе од половина на популацијата во рамки на Европската унија.
Инаку, за една година, популацијата е зголемена во 16 од земјите-членки на ЕУ и се намалила во 12 од нив. Најголем прираст на населението е забележан во Луксембург (23,9 илјади лица повеќе), а најголемо намалување имал Кипар (12,9 илјади жители помалку од јануари минатата до јануари оваа година).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.